Опозициската конзервативна Словенечка демократска партија (СДС) на поранешниот премиер Јанез Јанша победи на вчерашните предвремени парламентарни избори во Словенија, јави ДПА.

Како што соопшти словенечката Државна изборна комисија, според резултатите по 99,7 проценти преброени гласачки ливчиња, СДС освоила 25 отсто од гласовите, пред левоцентристичката партија Листа на Марјан Шарец (ЛМШ), за која гласале 12,7 проценти од избирачите.

На третото место е партијата Социјални демократи (СД) со 10 отсто освени гласови, а по неа следува Партијата на модерниот центар (СМЦ) на актуелниот словенечки премиер Миро Церар со 9,7 проценти од гласовите.

Одзивот на вчерашното гласање бил 51,9 отсто, што е за 0.2 процентни поени помалку во однос на претходните парламентарни избори.

Се очекува во новиот 90-член словенечки Парламент, СДС да има 25 пратеници, ЛМШ 13, СД 10, СМЦ и партијата Левица по девет, демохристијанската Нова Словенија (НСИ) седум, Демократската партија на пензионерите (ДЕСУС) на шефот на дипломатијата Карл Ерјавец и Партијата на Аленка Братушек (САБ) по пет, а екстемно десничарската Словенечка национална партија (СНС) четири мандати. Две пратенички места се загарантирани за претставниците на унгарското и италијанското малцинство.

Бидејќи ниту една партија нема мнозинство во Парламентот, се очекува да претстојат преговори за формирање владина коалиција, кои според шефот на државата Борут Пахор, ќе бидат „сложени“ и би можеле да траат и неколку месеци.

Јанша синоќа по објавувањето на првичните резултати изјави дека СДС е отворена за соработка и подготвена за „сериозен разговор базиран на платфроми“.

– Не се плашиме од утрешнината. Ние се радуваме. Словенија ќе биде безбедна со средени јавни служби и ќе важат услови еднакви за сите – порача Јанша во објава на социјалните мрежи.

Но, иако СДС е јасен победник на изборите, сите останати парламентарни партии, со исклучлок на НСИ и СНС, најавија дека нема да соработуваат со партијата на Јанша.

Оттаму, аналитичарите проценуваат дека поверојатна е нова владина коалиција составена од шесте останати партии кои на политичкиот спектар гравитираат меѓу левицата и центарот. Во таков случај како најверојатен кандидат за нов словенечки премиер се посочува градоначалникот на Камник, Марјан Шарец.

Тој по објавувањето на резултатите изјави дека е среќен поради изборните резултати на неговата партија и иако на Јанша му посака „среќа во формирањето коалиција“, сепак нагласи дека токму СМШ ќе биде партијата околу која ќе се формира новата владина коалиција.

Шарец порача дека СМШ нема да ја повика СДС на преговори за формирање на влада, а ако Јанша го покани него нема да му биде „проблем да изпезе на кафе со него и ќе го повтори она што го кажал повеќе пати“.

Еврокомесарката за сообраќај и висок функционер на СМЦ на актуелниот премиер Церар, Виолета Булц изјави дека се надева оти новата влада, каков и да биде нејзиниот состав, ќе проодлжи со реформите и дека ќе ја „задржи европската ориентација“ на земјата.