Една недела пред изборите во Бугарија, ГЕРБ, партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов, има големо водство пред нејзините конкуренти, со добри прогнози да формира влада. Тоа го покажува анкетата на „Галуп“, спроведена од 23 до 31 октомври.
За ГЕРБ би гласале 24,2 отсто од граѓаните, а далеку зад неа е Бугарската социјалистичка партија (БСП), со 15,7 проценти. По нив е формацијата Продолжуваме со промената на двајцата поранешни економски министри со 13,7 отсто, па Има таков народ со 11,3, партијата на Турците, ДПС, со 11,1 и Демократска Бугарија со 9,8 проценти.
Во последната анкета на „Галуп“ на крајот на септември ГЕРБ имаше 21,4, Продолжуваме со промената 15,2, а БСП 13,4 отсто.
Ова покажува дека партиите на статус квото, како што ги нарекуваат во Бугарија, се стабилизираа во рејтинзите и повторно ја презедоа командната улога кај гласачите. Партиите на промената се во повлекување, а една од нив, Исправи се Бг! Ние доаѓаме, на Маја Манолова, сега е далеку од изборниот четирипроцентен праг и нејзината поддршка е 3,1 отсто.
Претседателот Румен Радев е во доминантна предност пред изборите на 14 ноември, но изгледа дека ќе биде тешко за него да победи уште во првиот круг. За него би гласале 47,6 отсто од испитаниците, за ректорот на Софискиот универзитет, Анастас Герџиков, 25,1, а за лидерот на бугарските Турци, Мустафа Карадај – 8,5 проценти. Дури зад нив е судијата Лозан Панов, за кој се сметаше дека може да биде силен играч, со поддршка од едвај 5,7 отсто.