БОСНА И ХЕРЦЕГОВИНА

Финансискиот извештај на политичките партии за 2019 година што е објавен од Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина покажува дека некои политички субјекти добиле донации од компаниите што подоцна добиваат договори за јавни набавки или склучувале договори со јавните претпријатија. На оваа практика претходните години предупредуваа и од организацијата „Транспаренси интернешнел“ (ТИ) за БиХ, но во минатогодишниот извештај за финансирањето на партиите стои дека висината на донациите е пониска од претходните години. Од 20 парламентарни партии во БиХ, 16 не покажале ниедна конвертабилна марка донација од приватни компании, а навеле дека единствени извори за финансирање на нивната активност се средствата од буџетот или партиската членарина.

Меѓутоа, од ТИ изјавуваат дека најверојатно партиите престанале да ги пријавуваат средствата од донации затоа што од Централната изборна комисија минатите години биле санкционирани за добивање донации од компаниите. Спорно е тоа што трошоците за изборните кампањи драстично го надминуваат износот на сумата што партиите го прикажуваат во своите извештаи, пишува „Ал џезира“.
Само четири поголеми парламентарни партии прикажале помали износи на донации, а најмногу прикажала Партијата за демократска акција (СДА), 25.000 евра, што е максималниот износ според законот.

Од буџетот на државата биле исплатени околу девет милиони евра за политичките партии, од сите нивоа на финансирање, а речиси половината од таа сума легнала на сметките на најголемите партии: СДА, Сојузот на независни социјалдемократи, Хрватска демократска заедница, Социјалдемократската партија и Српската демократска партија.

Максималниот износ за приватни донации од физичко лице може да изнесува до пет илјади евра. За правните субјекти максималната донација може да биде 25.000 евра.