Од досегашните настапи на Додик и Човиќ, јасно е дека тие очекуваат да добијат што послаб партнер од бошњачкиот политички блок, со што ќе воспостават ефикасна контрола над државата

Претседателот на Република Српска и лидер на СНДС, Милорад Додик, вчера имаше состанок со претседателот на ХДЗ за БиХ, Драган Човиќ, во Источно Сараево, во контекст на меѓупартиските преговори за формирање на извршната власт во Босна и Херцеговина.
– Имам контакти и со други и не разбирам кој со кого ќе формира влада во Федерацијата на БиХ. Немам намера да се занимавам со тоа, чекам на ова ниво да се формира некое мнозинство и тогаш да преговарам со нив – изјави Додик.

Неговата партија и коалициски партнери суверено владеат во Република Српска и успеаја да ја маргинализираат опозицијата. Благодарение на изборните резултати, ХДЗ е во позиција да диктира воспоставување на власта во ФБиХ и заедно со СНСД да ја контролира власта на ниво на државата. Во исто време, бошњачката политичка сцена се сведе на стекнување превласт, а главната борба се води околу тоа кој со кого ќе владее во пет кантони.

Од досегашните настапи на Додик и Човиќ, јасно е дека тие очекуваат да добијат што послаб партнер од бошњачкиот политички блок, со што ќе воспостават ефикасна контрола над државата, а ХДЗ над Федерацијата БиХ. Бошњачките партии можат да владеат во Сараево, Горажде, Зеница, Тузла и Бихаќ, но во четирите кантони Бошњаците нема да можат да направат ништо без дозвола на Србите и Хрватите, кои се претставувани од Наша партија, СДП и ДФ, пренесува Н1.

Постизборните комбинаторики отвораат многу можности, но и дилеми. Како што пишува Н1, партиите од левицата многу се понапред во преговорите за формирање власт во одделни кантони, и тоа без бошњачката водечка партија СДА. Оваа партија, пак, најави преговори со пробошњачките партии од другите национални заедници во БиХ, а најпосакувани партнери им се СДП и ДФ. Партиите од левицата, еден месец по општите избори во БиХ, најавија формирање на извршната власт во четири или пет кантони, без СДА. Во Сараево е постигнат договор за распределба на власта меѓу шест партии од граѓанската опција и левиот блок. Во Зеничко-добојскиот кантон се сѐ поблиску до конституирање на собранието, во кое мнозинството би го правеле пратениците од СДП, ДФ, Наша партија, СББ и Партијата за БиХ. Промена на доскорашната власт се очекува и во Унско-санскиот кантон. Во најголемиот Тузлански кантон власта ќе ја сочинуваат СДП, ДФ, Наша партија, СББ и партијата за БиХ. Се очекува следната недела левицата да постигне соработка во Босанско-подринскиот кантон, а целта на тамошната владејачка коалиција е да се исфрли СДА.

Лидерот на СДА, Бакир Изетбеговиќ, најави дека неговата партија ќе започне преговори со сите релевантни политички субјекти за формирање една кохерентна власт составена од исти партии, од пробосанскиот блок.

– Ние не сме добиле никаква покана. Ако добиеме, органите на партијата ќе ја разгледаат, но мислам дека тој повик не може да резултира со ништо позитивно за СДА. Нема причина да менуваме нешто што сме го говореле во кампањата – порача Ирфан Ченгиќ од СДП.

Високиот претставник на меѓународната заедница Валентин Инцко, во врска со постизборната политичка ситуација во Босна и Херцеговина, нагласи дека е потребно што побрзо формирање на власта, со што помалку компликации, за да може земјата да продолжи со спроведување на неопходните реформи.