Финансиските и даночните експерти објаснуваат дека во земјите од Западен Балкан се применуваат најсофистицираните методи за перење пари, а следната фаза е преминувањето во виртуелниот свет

Според сознанијата на безбедносните служби и извештаи на меѓународни организации против организиран криминал

Илегалниот приход стекнат во земјите на Западен Балкан најчесто се пере во регионот, додека криминалните групи од Балканот заработуваат поголеми суми надвор од регионот. Релативно мало количество пари се перат во фирмите што работат со готовина, како што се ресторани, пекарници, кафулиња, барови, хотели, бензински пумпи и компании за изнајмување. Колку повеќе се зголемуваат приходите од организираниот криминал толку повеќе се наоѓаат нови и софистицирани методи на перење пари, кои може да „прочистуваат“ милионски износи. Поголем дел од нелегално стекнатиот капитал се слева во градежната индустрија и недвижностите, коцкарниците и туризмот во земјите од регионот, се наведува во извештајот на Глобална иницијатива на транснационалниот организиран криминал.
Постојат повеќе области што во иднина треба да бидат дел од детална истрага за откривање нови методи на перење пари, а тоа е приватизацијата на фирмите, ИТ-секторот, јавно-приватното партнерство, како и вложување во инфраструктура и трансфери поврзани со странски директни вложувања во регионот. Вообичаено, во оваа мрежа се политичките и економските центри во земјите од регионот што ги привлекуваат криминалците, кои стапуваат во контакт со корумпирани политичари и потплатуваат лица во компании заради остварување на своите деловни проекти, пишува „Капитал.ба“.

Во Босна и Херцеговина сѐ уште не постои единствен и сеопфатен регистар на недвижности. Пазарот за недвижности во земјата е привлечен за домашните криминалци и за меѓународните групи за трговија со дрога и арапски инвеститори. Во Министерството за внатрешни работи на Република Српска се детектирани повеќе начини на извршување кривично дело „перење пари“.
– Најчест начин е купување недвижности од страна на физички лица. Паричните трансфери што се прават во корист на офшор-компанија, наводно за плаќање за обврски настанати врз основа на деловни односи, а со сметката на офшор-компанијата директно или индиректно располага лице што стекнало пари што се предмет за „прочистување“ – вели Мирна Миљановиќ, началничка на Одделот во МВР РС, во изјава за „Капитал.ба“.
Уфрлувањето готовина во легалниот промет се прави и преку заеми, кои физичките лица, најчесто тоа се сопственици на претпријатија, им ги даваат на фирми и обратно. Тоа се прави преку индивидуални лица познати како „финансиски мулиња“, кои ги примаат парите стекнати од измами во странство на свои сметки или на сметки на своите фирми.
Раширен облик на перење пари е преку обложување. Поголем број физички лица од странство уплатуваат помали износи, преку трансфер на пари, на име на физичко лице во БиХ, кои потоа се уплатуваат за наместени натпревари. Откриени се случаи кога парите стекнати од кривично дело се префрлени на налози што се креирани кај правни лица што се занимаваат со обложување, а потоа се извршувани парични исплати во различни места за обложување.

Финансиски вештак што бил ангажиран за истраги за перење пари, за „Капитал.ба“ вели дека постојат повеќе индикатори за овие нелегални трансфери извршени на тековните сметки, високи готовински уплати, како и при прифаќање лоши услови при вложување и депонирање на парите. Најчесто преку нереално наддавање за купување градежно земјиште или откуп на станови по енормно високи цени. Експертите велат дека тоа е и причината зошто цените на недвижности се држат така високо иако не постои и висока побарувачка.
Како можност за перење пари се угостителски или трговски објекти што со години опстојуваат на пазарот, а за кои со голо око може да се види дека тие остваруваат мал промет, но нивните сопственици водат луксузен живот.
– Сопствениците што немаат друг бизнис, имаат високи трошоци за одржување на угостителскиот објект или имот. При докажувањето на делото се споредуваат уредно пријавените приходи со расходите и имотот на осомничениот. Во последните години, неколку сериозни бизнисмени се посветија на увоз на текстил и продажба на пазарите, на козметички и фризерски работи. Во овие дејности има помалку сметки, а добар дел од приливот се оправдува со добар бакшиш – наведува финансискиот вештак.
Економистката и поранешна министерка за финансии Светлана Цениќ вели дека постојат многубројни механизми за перење пари и даночни затајувања.
– Првиот механизам е избегнување на плаќањето целосен износ на плата, односно на работниците им се исплатува минималецот, а другото се исплатува во кеш. За ова најпогодни се градежништвото, трговијата и угостителството. Дел од парите се легализира преку рестораните. Објекти што не се полни со гости имаат добри финансиски извештаи со голем промет. Во прашање е дали некој навечер донел кеш и само поминал низ касата на ресторанот и на тој начин биле испрани нелегалните пари – објаснува Цениќ.
Финансиските и даночните експерти објаснуваат дека следната фаза на перење пари е преминување во виртуелниот свет. Со анонимноста на сопственоста на криптовалутите се јавува можност за финансирање нелегални активности. За пренос на валкани пари најчесто се користи неформалниот систем на пренос на пари – познат како „хавала“.


Како функционира системот „хавала“

Овој систем се однесува на многу видови неформален пренос на пари, кој не вклучува физички пренос на готовина. Вообичаено го користат брокери за испраќање пари. Испраќачот уплатува мала провизија, а примателот лозинка за ослободување на средствата. На балканските простори „хавала“ се споменува за перење пари меѓу ниските и средните организирани криминални групи што се занимаваат со трговија на дрога и шверцување мигранти. Мигранти што поминувале низ Балканот изјавиле дека парите за трошоците за патување ги плаќале однапред во Турција и Грција кај операторот за пари, кој парите ги пуштал по завршувањето на „патувањето“ до Западна Европа.