Обвинителство ги прегледува видеоснимките од ноќната акција на народните патроли

Белградскиот центар за човекови права ги осуди постапката за „пресретнување“ на мигрантите и заканите на кои тие беа изложени. Истовремено побара и итна реакција на надлежните органи за дејствувањето на народните патроли, кои разгоруваат национална, расна и верска омраза и нетрпеливост

Јавното обвинителство на Србија ќе ги прегледа видеоснимките поставени на социјалните мрежи, на кои се гледа како т.н. народни патроли минатата недела шетале во ноќните часови на улиците во Белград и ги информирале мигрантите дека „не смеат да се движат подалеку од центарот на градот, во периодот од 22 до шест часот наутро“. На снимките се гледа како млади лица со качулки на главите, кои се членови на иницијативата „Нема предавање на Косово и Метохија“, на англиски јазик ги информираат мигрантите и бегалците дека ќе „имаат проблеми доколку некој ги нападне српските жени и мажи“. Исто така, биле советувани оваа порака да им ја пренесат и на нивните сонародници. На мигрантите им биле делени и летоци на српски, англиски и на арапски јазик, на кои била наведена забраната за движење во текот на ноќта и за движење во групи повеќе од три лица.

Во полициската станица бил сослушан Дамјан Кнежевиќ, кој ги предводел народните патроли, заради собирање податоци за евентуално поднесување кривична пријава, која се однесува за предизвикување национална, расна и верска омраза и нетрпеливост, за што е предвидена максимална казна затвор до 10 години, објави „Новости“.

Радош Ѓуровиќ од Центарот за помош на барателите на азил, во изјава за „Курир“, вели дека е опасно граѓаните самите да спроведуваат ред и закон.

– Тоа е обврска на институциите. Поединците не смеат да ги преземаат надлежностите на државата и така да добиваат политички поени. Сметам дека овде постои проблем од недостиг од информираност, во конкретниот случај за миграцијата, и со тоа се отвора простор за различни манипулации – вели Ѓуровиќ.

Белградскиот центар за човекови права ја осуди постапката за „пресретнување“ на мигрантите и заканите на кои тие беа изложени, за што побара итна реакција на надлежните органи за дејствувањето на народните патроли, кои разгоруваат национална, расна и верска омраза и нетрпеливост.

По сослушувањето во полицијата, Дамјан Кнежевиќ, за белградски „Курир“, изјави дека нивната организација не е фашистичка, туку дека се патриоти и националисти. Тој најави дека ќе продолжат со активностите против „насилството што го прават мигрантите“.

– Отидовме во спорните делови на градот, каде што добивме информации дека е вршено физичко насилство над нашите граѓани, пред сѐ над старите жени и младите девојки. Со ова сакавме да посочиме на проблемот и да ги натераме институциите подобро да реагираат. Делевме летоци, но тоа е добра идеја. Немаше никаква агресија или физички контакти. Но ако видиме на самото место насилство од мигрантите, ние ќе реагираме – изјави Кнежевиќ.