Словенечкиот претседател Борут Пахор, изрази загриженост, откако на социјалните мрежи осамнаа слики од вооружена група на маскирани луѓе кои ги предводи неговиот поранешен противкандидат Андреј Шишко.

Политичарот на крајната десница, Андреј Шишко вели дека групата која тој ја предводи ќе „обезбеди јавен ред и мир“, ако тоа биде потребно.

Остро на тоа реагира претседателот Пахор кој што изјави дека во Словенија која е членка на Европската Унија нема место за таква група.

Словенечката полиција започна истрага за групата чии членови во рацете држат пушки, но негира дека станува збор за паравоена единица. На снимките објавени на Фејсбук се гледаат 70 маскирани луѓе кои наводно полагаат „свечена заклетва“.

Групата ја предводи Шишко, кој не е маскиран, а кој бил во затвор поради обид за убиство. Тој минатата година освои 2,2 % гласови на претседателските избори.

-Претседателот Пахор нагласува дека Словенија е безбедна земја во која на неовластени личности не им е дозволено незаконски да се грижат за земјата и нејзините граници- се вели во соопштението на кабинетот на Пахор.

Словенечкиот премиер во заминување Миро Церар рече дека формирањето на единици е „апсолутно неприфатливо“ и дека е непотребно да се поттикнува страв и да се шири омраза.

Шишко порано негираше дека групата која се нарекува „Штаерска гарда“, во североисточниот дел на земјата, работи илегално и истакна за „Ројтерс“ дека станува збор за стотина доброволци.

Сепак, тој признал дека оружјето кое го носеле не било регистрирано.

Мандатарот за состав на нова влада Марјан Шарец на Твитер напиша дека било какава вооружена група надвор од словенечките безбедносни сили го „подрива Уставот и правната држава“.