Фото: Маја Јаневска-Илиева

Папата Франциск утре ќе отпатува во петдневна посета на Кипар и Грција за да ги зајакне односите со православната црква и да предупреди на страдањата на мигрантите.

Неколку недели пред неговиот 85-ти роденден и неколку месеци по операцијата на дебелото црево во јули, и покрај пандемијата на коронавирус, папата е повторно на пат да ги промовира двата приоритети од неговиот мандат.

Првата станица е Кипар од 2 до 4 декември, а потоа ќе помине два дена во Грција. И двете земји се претежно православни, но таму живеат и десетици илјади католици. Папата ќе одржи десетина говори на патувањето и ќе има серија средби со политичките и верските лидери, меѓу кои и Јероним Втори, поглаварот на Грчката православна црква.

Во крајно симболичен чин, папата Франциско на 5 декември повторно ќе го посети островот Лезбос, важна точка за влез на мигрантите во Европа, каде во април 2016 година ја изговори познатата реченица: „Сите ние сме мигранти“.

Папата треба уште еднаш да го сврти вниманието на светот кон миграциската криза, која ја смета за најтешка хуманитарна катастрофа од Втората светска војна.

Тој планира да пренесе хуманитарна, а не политичка порака на Лезбос, рече Јозеф Принтезис, надбискуп на епархијата што ги опфаќа грчките острови во Егејското Море.

– Тој сака да ја подигне свеста на европските граѓани за бегалците, бидејќи Медитеранот е полн со удавени луѓе – додаде Принтезис.

Посетата на Атина ќе се фокусира и на дијалогот со православните христијани.

– Папата сака да ги зајакне односите со православната заедница – рече ватиканскиот експерт Марко Полити, додавајќи дека папата Франциск изразува братство кон православните верници.

Првата станица на патувањето на папата е Кипар каде што папата треба да повика на единство и мир, изјави извор од Ватикан.