Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по разговорот со високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, изјави дека до пред неколку дена имале шанса за компромис со Приштина, но секоја идеја за тоа е убиена и затоа не гледал како во иднина би дошло до решение за Косово.
(РТС)

Подгорица – Во Црна Гора се уапсени 16 лица поради спречување и омаловажување на полицијата при извршување на нејзината работа. Небојша Медојевиќ, еден од водечките опозициски политичари, го обвини претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, дека ја „турка земјата во граѓанска војна“, а дел од полицискиот состав го нарече „параполиција“.
(„Политика“)

Атина – Протоколот со амандманите на веќе постојниот Договор за одбранбена соработка од 1990-тите години меѓу Грција и САД беше ратификуван во грчкиот парламент. На гласањето му претходеа жестока дискусија и обвинување меѓу грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и лидерот на СИРИЗА, Алексис Ципрас, меѓу другото, и поради ставот на опозициската партија да не гласа за протоколот. (МИА)

Загреб – Хрватскиот амбасадор во Москва, Томислав Цар, ќе мора да го напушти станот, односно куќата од 500 квадратни метри, каде што живеел досега, и да се пресели во помал, сместен над просториите на конзулатот. За новиот простор Хрватска ќе ѝ плаќа на Русија само за првиот кат, додека досегашниот простор на конзулатот во приземје, за кој државата досега издвојувала по 10.378 евра, ќе биде бесплатен, односно ќе биде дел од реципрочниот однос со конзуларната канцеларија на Руската Федерација во Загреб. („Вечерњи“)


Бисер балкански

­Актерски компромис

– Првпат кога слушнав од медиумите, разграничувањето ми изгледаше како измислен збор со кој сакаме да кажеме нешто друго, конкретно дека Косово е независно. Тоа и де факто е независно. Сѐ е компромис, особено во политиката, и мора да биде. Тоа не значи двете страни да бидат еднакво задоволни, иако би требало, бидејќи тоа е смислата на компромисот. Косово е независно, имало или не столче во ОН – вели Бојана Маљевиќ, актерка и продуцентка, чија баба живеела во Гнилане, а татко ѝ 25 години живеел на Косово. Таа напоменува дека целата нејзина поширока фамилија го напуштила Косово и смета дека „народот треба да ја знае вистината и да се соочи со тоа дека Косово е независно“.