Атина – Владата во Грција сака да изгради лебдечка ограда за да го спречи доаѓањето на мигрантите на грчките острови од блискиот турски брег. Грчкото министерство за одбрана ги повика приватните компании да достават понуди за лебдечка ограда од 2,7 км во рок од три месеци, според веб-страницата на грчката влада. Мрежестата ограда ќе се издига 50 сантиметри над водата и треба да има светилки што трепкаат. Министерството за одбрана проценува дека проектот ќе чини 500.000 евра, при што е вклучено и четиригодишно одржување. (АП)

Загреб – Шпанија се заканува со бојкот на самитот во Загреб поради учеството на Косово. Загрепскиот самит ќе биде одржан на 6 и 7 мај. Хрватското претседателство има намера со овој состанок да биде потврдена европската перспектива на сите земји во регионот. Шпанија е една од петте земји на ЕУ што не ја признаваат независноста на Косово, додека другите 23 ја признаа. Владата во Мадрид на сите собири на европско ниво го оспорува рамноправното учество на Косово. (РСЕ)

Подгорица – Кинеската компанија ЦРБС, која гради автопат во Црна Гора, соопштила дека пет работници што неодамна се вратиле од Кина се наоѓаат под медицински надзор и дека немаат симптоми на коронавирус.
Од ЦРБС велат дека, според Законот за заштита на жителите од заразни болести, мерките на здравствениот надзор се подразбираат како секојдневно следење на симптомите и знаците за одредена болест во текот на одреден период на инкубација. („Вијести“)


Бисер балкански

Штрумф во тробојка!

– Немавме намера да предизвикаме провокација ниту омраза, туку љубов. Само малку си игравме. Учениците многу добро знаат за што станува збор, веќе имаат по десет години. Тие знаат сè. Одат на литии – вели Рада Вишњиќ, учителка од основното училиште „Југославија“ во Подгорица, чии ученици на часот по ликовно воспитување цртале штрумфови.
Велештрумф, кого децата го нацртале на тробојки, стана хит на социјалните мрежи. Детските цртежи биле нацртани во понеделникот, на редовниот час по ликовно воспитување, на тема цртање украси.
Таа е суспендирана од работа, додека против неа трае дисциплинска постапка. Директорката на училиштето Биљана Вукмановиќ изјавила дека училиштето не е место на кое отворено или прикриено ќе се демонстрира политичко дејствување.