Загреб – Стапката на ризик од сиромаштија во Хрватска во 2018 година изнесувала 19,3 отсто, а во 2012 година била 13,9 отсто, но доколку од доходот на семејствата се изземат социјалните трансфери и пензии, стапката на ризик од сиромаштија се зголемува на 42,9 отсто – објави Државниот завод за статистика на Хрватска. („Индекс“)

Белград – Поради алармантното опаѓање на органските материи околу 1,7 милион хектари ораница во Војводина, наскоро би можеле да станат неплодни, а причината е намалувањето на процентот на хумус, под три отсто, што претставува оптимална граница, а во претходните 20 години пред интензивното земјоделско производство на војводинските ниви органските материи учествувале со пет отсто. („Макроекономија“)

Подгорица – Директните и индиректните приходи од туризмот во Црна Гора годинава се очекува да изнесуваат меѓу 1,1 до 1,5 милијарда евра и да пораснат за 13 отсто, но процените до крајот на годинава се дека во земјата ќе престојуваат 2,5 милиони туристи, кои ќе остварат над 14 милиони ноќевања – изјави Дамир Давидовиќ, од Стопанската комора на ЦГ. (РТЦГ)

Тирана – Бродот „Орику“ на албанската воена морнарица, при патролирање во водите на Егејско Море, во четири одделни акции спаси 110 илегални мигранти, кои се наоѓале во моторни чамци. („Опсервер“)


Бисер балкански

Признавање плус извинување

– Таксата е инструменти за создавање избалансирани вредности за признавање, мораме да го засилиме за да се разменат признавањата. Голема аномалија е Србија да бара нешто. Моравме да бараме нешто како жртва, значи, признавање плус извинување или отштета, а кај нас се случува спротивното – Рамуш Харадинај, косовскиот премиер во оставка, за тоа кој е „газда во Косово“ и новиот предлог за дополнително зголемување на таксите, кои се зголемија за сто отсто за увоз на производи од централна Србија и од Босна и Херцеговина.