Загреб – Од идната година во Хрватска надоместот за враќање на единица отпадна амбалажа ќе изнесува 0,50 куни, а овој износ ќе се исплатува и за собраната амбалажа за млеко и за пијалаци што има волумен од 0,2 литри. Истовремено, се зголемува и износот за преземање отпадна амбалажа преку апарати, за да ги поттикнат фирмите за набавка на апарати за преземање пластична амбалажа. („Хина“)

Сараево – Градските власти во Сараево преземаат итни мерки за намалување на загадувањето, кое последните денови ги надминува дозволените граници. Како што пренесуваат медиумите во Босна и Херцеговина, Министерството за внатрешни работи на кантонот Сараево ги исклучува од сообраќај автомобилите со стандард „еуро 2“. („Локално“)

Атина – Грчката конзервативна влада ја номинира судијката Катерина Сакеларопулу (64) за претседателка на земјата, која сега е претседателка на Државниот совет, а доколку биде избрана од пратениците, таа ќе биде првата жена претседател на земјата.
– Мислам дека е време нашата земја да има достојна грчка жена на највисоката позиција во земјата – рече премиерот Киријакос Мицотакис во својата изјава.
Најголемата грчка опозициска партија СИРИЗА го критикуваше премиерот Киријакос Мицотакис за, како што велат, „телевизискиот предлог“ Екатерини Сакеларопулу да биде кандидирана за прва жена претседател на Грција. Левичарската партија СИРИЗА веќе соопшти дека ќе го поддржи реизборот на конзервативниот Прокопиус Павлопулос, кој беше избран за петгодишен мандат во 2015 година, кој му истекува на 20 март. („Ројтерс“)


Бисер балкански

Пронаоѓач за ветер
– Загадување има секоја година, но во изминатите години граѓаните биле преокупирани со некои други проблеми, како што се платите и вработувањето. Има загаден воздух, но нема причина за паника, бидејќи тоа не може да доведе до сериозни здравствени проблеми. Вака ќе биде до сабота, бидејќи нема ветер. Уште никој нема измислено ветер за да го растера загадувањето – Златибор Лончар, министер за здравство во српската влада, по повод загадувањето на воздухот во Србија.
Најкритично е во Белград, чии жители се многу загрижени, затоа што главниот град на Србија се најде на листата на најзагадени во Европа.