Бања Лука – Белград и Бања Лука би можеле набргу да поведат заедничка дипломатска иницијатива да се формира меѓународна комисија за граѓанската војна во Босна и Херцеговина и за настаните во Сребреница.
Оваа идеја постои одамна, а повторно е реактивирана кога британската влада објави доверливи документи со кои се потврдува дека нападот на босанските Срби во Сребреница го провоцирале бошњачките сили, како и дека раководствата на Република Српска и на Србија ниту ги организирале ниту ги наредиле злосторствата. („Вечерње новости“)

Тирана – Албанскиот претседател Илир Мета, гостувајќи во телевизиска емисија, изјави дека нема намера да поднесе оставка од функцијата и тоа го смета за предавство на земјата и нацијата. Мета додаде дека доколку владејачкото парламентарно мнозинство се обиде да го разреши, нема доволен број пратеници (94) за тоа и оти социјалистите се обидуваат да го „киднапираат без стил Уставниот суд“. („Мајфакс“)

Подгорица – За време на новогодишните празници во Црна Гора, дури 15 пациенти добиле повреди предизвикани од употреба на пиротехнички средства, соопшти директорот на Ургентниот центар, Нермин Абдиќ. За жал, кај некои пациенти тие предизвикале траен инвалидитет. („Вијести“)
Подгорица – Во повеќе црногорски градови полицијата вчераутро уапси повеќе од 50 Тајванци осомничени за трговија со луѓе и за измама, објавија црногорските медиуми. Уапсени се и организаторите на групата. Тие биле сместени на повеќе локации во изнајмени вили и вршеле измама преку интернет од Црна Гора во Кина и во Тајван. Организаторите и групата добиле незаконска имотна корист од повеќе стотици илјади евра. Криминалната група дејствувала и на териториите на Словенија и на Хрватска. („Нетпрес“)