Приштина – Лидерот на движењето Самоопределување и кандидат за премиер на Косово, Албин Курти, изјави дека најлошо можно сценарио се нови избори, доколку не успеат да формираат парламентарно мнозинство што ќе ја избере новата влада на Косово
– Сè што покажува и докажува е дека работите доцнат, но тие се во вистинската насока. Значи, нема промена на правецот, туку има доцнење. Значи, не постојат ниту други стратегии, ниту други начела, освен тактички прашања – рече Курти, гостувајќи во емисијата „360 степени“. (ТВ Ора њуз)

Сараево – Повеќе од 40 жени од Босна и Херцеговина сè уште се наоѓаат во бегалските логори во Сирија, по падот на терористичката организација Исламска држава во земјата.
Неодамна, шест жени и дванаесет деца беа депортирани во БиХ со група составена од седум члена на Исламска држава, но уште десетици деца чекаат депортација. Според неофицијалните информации, меѓу нив има десетина тинејџери од 14 до 16 години. („Дневни аваз“)

Тирана – Албанија нареди прва депортација на член на движењето на Фетула Ѓулен во Турција, што го реализира прексиноќа, предизвикувајќи загриженост за кршење на основните човекови права, наведуваат албанските медиуми. Веста дека со лет од меѓународниот аеродром во Тирана е екстрадиран Харун Челик, за БИРН ја потврди и Гентјан Мулаи, портпарол на државната полиција.
Пред пет месеци Челик бил уапсен на аеродромот во Тирана патувајќи транзит со турски пасош, но со лажна канадска виза. За овој прекршок, тој беше осуден од судот во Тирана на пет месеци затвор, што истече на 1 јануари. („Либертас“)


Бисер балкански

Прво па српско!
Првото бебе што се родило во 2020 година во Австрија е од српско потекло и го доби името Калина. Таа е родена на универзитетската клиника во Салцбург само една минута по полноќ на почетокот на новата година. Девојчето при раѓањето било тешко 3.380 грама и долго 51 сантиметар. Првороденото бебе во Австрија е ќерка на Марко и Александра Арсиќ. Таткото е со потекло од Младеновац во Србија. Тој е уметнички раководител на српскиот клуб „Опинок“ од Салцбург, каде што ја запознал и својата сопруга.
Србија е земја со негативен природен прираст и со нагласена миграција кон странство. Според демографските предвидувања, до 2050 година земјата ќе има меѓу 3,9 и 5,5 милиони жители. Србија бележи најголем пад на бројот на жителите и е во групата на држави од Источна Европа, со најголеми стапки на намалување на популацијата. За 30 години населението во Србија ќе се намали за 15 отсто, објавија домашните медиуми.