Ниш – Голема потера вчера беше преземена од српската полиција во близината на Ниш, Србија, каде што полицијата и војската со хеликоптери и со кучиња трагаат по педофил што грабна 12-годишно девојче. Полицијата го бара осудениот силувач Нинослав Јовановиќ, познат и како малчански бербер, кој е осомничен за киднапирање на 12-годината Моника.
Полицијата го бара од завчера, а кругот за пребарување се стесни откако беа пронајдени неколку траги во селото Орешец, односно беа пронајдени прамени од коса. („Блиц“)

Сараево – Претседавачот со Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, изјави дека усвојувањето на Стратегијата за одбрана и национална безбедност на Србија би значело нарушување на регионалниот мир и стабилност. Според него, усвојувањето на стратегијата би претставувало и вовед во нови тензии на просторот на Западен Балкан, бидејќи тоа би бил акт на отворено непријателство кон државата БиХ.
– Ако во Србија мислат да се откажат од Дејтонскиот мировен договор, нека го кажат тоа – ќе ни биде задоволство работите во БиХ поинаку да ги уредиме – истакна Комшиќ. (Н1)


Бисер балкански

Дедо Мраз од Драчевица
Непознат добротвор, втора година по ред, за божиќните празници ги изненадил жителите на малото место Драчевица, на островот Брач. Секој постојан жител, а тие се 70, од таинствениот дарител добил плик во кој имало вредносен бон од 500 куни (околу 70 евра). Во местото живеат многу стари лица со мали пензии, а донацијата дополнително ќе им ги разубави празничните денови. Како што објави весникот „Слободна Далмација“, станува збор за вкупна донација од 35.000 куни, а добродетелот барал да остане анонимен.
Меѓутоа, идентитетот на Дедо Мраз од Драчевица му е познат на месното население, кое ја почитува неговата желба името да остане непознато за медиумите.
– Тоа е лице што го сака ова место и кое ги сака овие луѓе. Заслужува благодарност и почитување од сите нас. Му посакуваме добро здравје и долг живот – изјави Шимица Жувиќ за „Слободна Далмација“.