Зворник – Едно лице загина, а осум се повредени во експлозија што се случи вчера на бензинска пумпа во близината на Зворник, Босна и Херцеговина. Експлозијата се случила околу 10.40 часот, кога автомобил удрил во табла со инструменти за гориво. Објектот на пумпата и неколку возила се целосно изгорени. („Аваз“)

Атина – Непознати лица во неделата ноќта запалиле паркиран автомобил во Солун, а, според грчките медиуми, возилото е во сопственост на турски дипломат од Конзулатот на Турција во Солун. Според истите информации, предизвикана е материјална штета во задниот дел на автомобилот. (МИА)

Приштина – Директорот на српската канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, изјави дека формирањето на новата влада во Косово се одвива потешко од очекуваното и дека не би бил изненаден ако се одржат нови избори.
– Не би бил изненаден ако има нови избори. Но странскиот фактор има доминантна улога во Приштина и ќе игра одлучувачка улога дали страните ќе се договорат или не – истакна Ѓуриќ. („Новости“)

Белград – Годинава во Србија во дуалното образование биле вклучени 6.100 ученици, од 72 училишта на 35 образовни профили, кои се вклучени во производствениот процес на 880 компании. Дуалното образование учествува со десет отсто во образовниот процес на средните училишта, додека 18 отсто од училиштата имаат дуални профили во својата понуда за домашните компании. („Танјуг“)