Загреб – Поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ поведе случај против Хрватска во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Станува збор за настан од 2011 година, кога во општинскиот граѓански суд во Загреб Месиќ беше прогласен за виновен за клевета на францускиот адвокат Иван Јурашиновиќ. Според пишувањата во медиумите, Месиќ во тужбата до Европскиот суд за човекови права тврди дека пресудата против него го нарушува правото на слобода на изразување загарантирано со членот 10 од конвенцијата.

Игуменица – Пожар изби на траект во пристаништето Игуменица, во северозападниот дел од Грција. Како што извести агенцијата АНА, во несреќата нема настрадани, а на траектот во моментот имало 538 патници, 75 члена на екипажот и 293 возила, кои требало да патуваат кон Венеција.
Според пишувањата на „Катимерини“, пожарот избил во делот во кој се наоѓале возилата и набргу бил ставен под контрола.

Приштина – Невладината организација „Демократија на дело“, која ја следи кампањата за парламентарните избори во Косово, кои ќе се одржат на 6 октомври, објави дека политичките партии во оваа земја во првите денови од кампањата, која започна на 25-ти овој месец, за изборни активности потрошиле вкупно еден милион и 64 илјади евра.
Во анализата што денеска ја достави до медиумите, ДнВ наведува дека 72 нејзини долгорочни набљудувачи се на терен и поднесуваат дневни извештаи, при што проследиле 217 активности на политичките субјекти, од кои најголемиот дел бил јавни собири.

Солун – Грчката полиција на северот на земјата разби криминална група што продавала бебиња, додавајќи дека станува збор за една од најорганизираните групи во Европа. Солунската полиција информира дека 12 лица се уапсени, а 66 се обвинети.
Инспекторот Антонис Цицис вели дека станува збор за една од најголемите и најдобро организирани групи во Европа, кои, според него, се вмешани во најмалку 22 случаи на продажба на бебиња, 24 случаи на продажба на јајце-клетки и 10 случаи на плаќања на сурогат-мајки во периодот помеѓу 2016 и 2019 година. Натаму, Цицис наведува дека оваа криминална група „заработила“ најмалку половина милион евра.


Бисер балкански

Балканот не треба да се обедини

– Балканот не е заинтересиран и не треба да биде заинтересиран да се обедини, да ги отвори границите меѓу себе, туку кон ЕУ. Ова јас го сфатив уште одамна, бидејќи не е нешто ново. Тоа е неојугословенска тенденција и не треба да брзаме со тоа – вели поранешната главна косовска преговарачка во дијалогот со Србија, Едита Тахири, која изјави дека е против идејата за балкански шенген.