Приштина – Поранешната шефица на преговарачкиот тим на Приштина во дијалогот со Белград, Едита Тахири, изјави дека ќе се случи војна ако Србија не ја признае независноста на Косово.Таа на собирот „Пат кон конечен договор помеѓу Косово и Србија“ во Приштина истакна дека дијалогот со Белград не е прекинат поради воведување царини на артиклите од Србија, туку затоа што „Косово беше во опасност“. („Лајм“)

Атина – Владата на Грција очекува следната година околу 100.000 мигранти од Турција да се упатат кон грчките острови. Ова го нагласи владиниот комесар за првичниот прием на бегалци Манос Логокетис. Во 2020 година грчката влада планира да депортира 10.000 баратели на азил во Турција. („Дер стандард“)

Белград – Србија може да оствари долгорочен пораст од седум отсто годишно со новиот амбициозен план за реформи, со кој за десет години ќе се дуплира БДП, сметаат експертите од Светската банка. Линда ван Гелдер, директорката на СБ за Западен Балкан, на презентацијата на овој документ на 500 страници рече дека на земјата ѝ е потребен нов залет во реформите што ќе овозможат подигнување на продуктивноста и зголемена конкуренција. (Б92)

Загреб – Загрепската берза вчера соопшти дека купила 148 акции од Македонската берза, што е 5,3 отсто од основниот капитал на ова македонско друштво, по цена од 1.000 евра по акција. Загрепската берза во 2015 година се стекна со 100 отсто од сопственоста на Љубљанската берза, која ја презеде од берзата во Виена. („Блиц“)


Бисер балкански

„Добредојде“ за претседателката
– Не сакам никого да миноризирам, ни некому да му давам преференции. Меѓутоа, кога влегов да се поздравам со сите, имаше двајца-тројца од нив што не сакаа да ми подадат рака. Меѓутоа, тоа е работа на недостиг од домашно воспитување. Ние мораме да се бориме на политичката арена, да се бориме со аргументи, а не со некои ставови со кои сака да се понижи противникот – Колинда Грабар-Китаровиќ, по телевизиското соочување на ХРТ со 11 кандидати за претседател на Хрватска, и се пожали дека некои не сакале барем да се поздрават куртуазно.
Неколку минути по завршување на дебатата се огласи и од партијата ХДЗ, со што ја прогласи својата кандидатка за победник на дебатата, а притоа оттаму дадоа и „неџентлменски“ коментари за настапот на противкандидатите.