Загреб – Во Хрватска, лицата над 65-годишна возраст, кои немаат никаков приход и имот, треба да добиваат 800 куни (околу 107 евра) национална пензија месечно од 2021 година. Владата подготвува нов закон за националните пензии. Во зависност од критериумите, на оваа пензија може да сметаат помеѓу 8.000 и 22.000 граѓани во Хрватска. („Вечерњи лист“)

Подгорица – Полицаецот на црногорската гранична полиција Милутин Лековиќ почина, како резултат на повредите добиени по инцидентот што се случи во Игало. Лековиќ бил ранет од огнено оружје, од задното седиште на полицискиот автомобил во центарот на Игало, од страна на еден од тројцата странски државјани, кои биле приведени бидејќи не поседувале документи за идентификација. Двајца мажи и една жена се уапсени. („Вјести“)

Тирана – По катастрофалниот земјотрес во Драч, земјата во Албанија продолжува да се тресе, поради тоа Советот на министрите се обрати до Собранието со барање вонредната состојба да се одложи до 31 март 2020 година. („Фокус“)

Атина – Во универзитетскиот кампус во Атина и во близината на полициска станица, вчераутро беше откриена рачно изработена експлозивна направа. Полицаец, додека го паркирал својот мотор, забележал ќесе во која имало кабли и часовник поврзани со шише и веднаш ја известил надлежната служба. (МИА)


Бисер балкански

Недовршени војни
– Зарем не ви се чини дека ниедна војна во државите од поранешна Југославија никогаш не е завршена? Србите со голема гордост и самодоверба зборуваат за своите жртви, со која сакаат да ја засрамат Европа, а особено Германија и Австро-Унгарија. Хрватите предводени од непомирливиот поглавник и нивната херојска воинка, го прекројуваат исходот од Втората светка војна. Ништо поинаку не е ни со Бошњаците. А нормалните луѓе, тие, ми се чини, и ги нема премногу. Многумина се лицемерни. Приватно живеат нормални животи, во кои меѓусебно добро се разбираат со другите, а јавно против другите водат крвави недовршени војни и победуваат во нив. Во тие работи нема разлика меѓу некој портир и Александар Вучиќ или министерот на бранителите Медвед. Сите тие приватно се добри со непријателите – Миљенко Јерговиќ, во разговор за Ал џезира, за неговиот нов роман „Херкул“, за тоа како ги доживува Хрватска и Сараево, 30 години по неговото иселување од Босна и Херцеговина.