Загреб – Хрватската полиција соопшти дека полицаец застрелал мигрант во подрачјето Мркопоље, поради тоа што тој давал „активен отпор“. Мигрантот е полесно повреден. Ова е втор случај полицаец да пука во мигрант за помалку од еден месец во Хрватска. („Јутарњи“)

Сараево – Во Босна и Херцеговина во тренд е купување пиштоли на гас, кои се со пристапни цени од 70 конвертибилни марки (35 евра). Репликите на вистинските пиштоли тешко можат да се разликуваат од оригиналите. Поради тоа е поведена иницијатива овие пиштоли да се стават во категоријата оружја за кои е потребно одобрување од полициски орган. Овие реплики се користат и при извршување разбојништва. („Аваз“)

Белград – Припадниците на Министерството за внатрешни работи на Србија и специјалните полициски единици на Министерството за јавна безбедност на Кина вчера одржаа заедничка показна вежба за управување со кризна ситуација, создадена како резултат на терористички акт чија цел е приказ на обученоста и подготвеноста за извршување најсложени безбедносни задачи. (Танјуг)

Атина – Грција треба итно да интервенира и да ги подобри „очајните“ и неприфатливи услови во своите преполни кампови за мигранти, изјави високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди за време на посетата на грчкиот остров Лезбос. (МИА)


Бисер балкански

Со врвот на моливот
– На нишан сум на тој снајпер затоа што не сакам да плаќам рекет. Секогаш ќе се борам и ќе ги бранам, да можат да објавуваат сѐ што сакаат, нека биде само против мене. Само вие тие снајпери вперете ги во мене, јас немам проблем со тоа. Ќе се борам за вашето право да објавувате и пишувате што сакате. Додека вие го правите тоа, јас ќе се трудам да го вперам врвот на моливот во некој дел во Србија во која ќе градиме нови училишта, фабрики и патишта – изјави Александар Вучиќ, претседателот на Србија, за насловната страница на неделникот НИН, која беше илустрирана со снајпер насочен кон него. Издавачот на НИН вчера соопшти дека насловната страница е повлечена и новото издание е со бела страница.