Тирана – Аеродромот „Мајка Тереза“ во главниот град на Албанија вчера беше затворен поради голема штета на терминалите причинета од земјотресот. Властите апелираа до граѓаните во одделни области да останат надвор од своите домови. Многу училишта не работеа. (Алсат М)

Тирана – Албанскиот премиер Еди Рама ги повика граѓаните да останат смирени и прибрани, за да можат меѓусебно да си помогнат.
– Ова е драматичен момент, да работиме едни за други. Ние ќе сториме сѐ што е во наша моќ и со помош на нашите големи пријатели ќе ја надминеме ситуацијата – порача Рама. (Танјуг)

Туман – Албанскиот претседател Илир Мета, при посетата на местото Туман, кое е на 36 километри од Тирана, изјави дека состојбата во овој дел од земјата е „многу драматична“, но дека спасувачките екипи ги прават сите напори за да се извлечат луѓето од урнатините. („Коха“)

Тирана – Додека албанските граѓани се соочуваа со последиците од силниот потрес, лекарскиот тим предводен од гинекологот Аника Докле, од Универзитетската клиника за акушерство и гинекологија во Тирана, беше ангажиран при породувањето на една жена со близначки, кои се родени 20 минути по земјотресот. („Блиц“)

Скопје – Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека од Македонија се испратени тимови за спасување, а дадена е насока до најблиските региони, како охридско-струшкиот и кичевскиот, да испратат механизација. Подготвени се и лекарските тимови и противпожарните служби доколку има потреба да бидат испратени. (МИА)