Софија – Бугарската економистка Кристалина Георгиева, која е високорангирана во Светската банка, е избрана да ја води врвната финансиска институција Меѓународен монетарен фонд, каде што доаѓа на местото на Французинката Кристин Легард, која поднесе оставка за да ја преземе раководната функција во Европската централна банка, а преземањето на водечката позиција се случува во време кога глобалната економија забавува и кога најголемите економии на САД и Кина се наоѓаат во трговска војна. (Ал џезира)

Белград – Најголемиот број граѓани во Србија, или 87 отсто, сметаат дека Русија ѝ е пријател на Србија и дека односите меѓу двете земји се одлични, а четвртина од населението смета дека Руската Федерација е најголем донатор, иако таа не е меѓу првите десет најголеми донатори, се наведува во истражувањето спроведено од институтот „Нинамедија“. (Вести онлајн)

Сплит – Деца нацртале кукасти крстови на плочник пред продавница на позната трговска компанија со прехранбени производи. Ова не е првпат во овој приморски град во Хрватска да бидат испишани графити со нацистичка содржина: „Убиј го Србинот“ и со буквата „У“, со која се симболизира усташтвото. (Далмација данас)

Приштина – Брисел планира да именува висок специјален пратеник или претставник за дијалог меѓу Белград и Приштина, кој нема да биде доволно само да има контакт и пристап до Александар Вучиќ и Хашим Тачи, туку овој пратеник би требало сериозно да ги сфати и другите актери на Косово, во Србија и во светот и да има политичка тежина. (Коха диторе)

Белград – Американскиот амбасадор во заминување во Белград, Кајл Скат, изјави дека голем број студии укажуваат на масовна појава на пласирање искривени факти во српските медиуми кога станува збор за известувањето за Русија во однос на САД, а оваа забелешка не се однесува само на таблоидите, туку и на РТС и сериозните весници како „Политика“, а ваквата отворена манипулација со медиумите е продолжение на опасната националистичка пропаганда, која на Балканот зеде замав во 1990-тите години. (Данас)


Бисер балкански

Косово опсесија

Приказната за Косово е неискрена, лицемерна и малициозна. Некој свесно со децении ги држи тие несреќни деца, тие сироти луѓе под Ибар, во боцкава жица, само затоа што децата им се крунски аргумент дека Косово е српско, иако знаат дека не е. Не даваат тие ни пет пари за тоа како живеат децата и, ако се прашувам јас, одамна требаше да се повикаат тие луѓе со своите деца да дојдат во Србија. Косово и натаму ќе биде наша опсесија, децата ќе ги држиме како заложници, а од Косовска Митровица ќе правиме Сајгон, преполн со силеџии и криминалци, каде што пристојниот свет нема никаква можност за нормален живот, историчарот Милан Ст. Протиќ, за новиот број на неделникот НиН.