Тирана – По најавата дека Парламентот на Албанија ќе му ги одземе уставните ингеренции на претседателот, единствената легитимна институција во државата, сакам да ве информирам дека истиот ден кога ќе се случи тоа, претседателот ќе биде присутен таму, но со албанскиот народ, напишал Теди Блуши, портпаролот на претседателот Илир Мет на својот фејсбук-профил. (Алсат)

Атина – Повеќе од половина анкетирани, односно 63 отсто, изјавиле дека работите во Грција во изминатите шест месеци се движат сигурно или веројатно во правилна насока, а мнозинството од анкетираните се согласуваат со законот за забрана на пушењето и со законот за укинување на студентскиот азил, покажуваат резултатите од најновата анкета. (МИА)

Сараево – Ноќта меѓу 4 и 5 декември, Босна и Херцеговина првпат по 1992 година ќе ја преземе контролата врз воздушниот сообраќај во целиот свој воздушен простор. Агенцијата за давање услуги во воздушниот сообраќај на БиХ (БХАНСА) соопшти дека тоа ќе значи отворање едно битно поглавје од историјата на цивилното воздухопловство на земјата. (Кликс.ба)

Загреб – „Краш ЕСОП“ ѝ ги продаде сите свои акции во „Краш“ на месната индустрија „Браќа Пивац“. Со тоа, браќата Пивац го презедоа „Краш“ и ќе имаат вкупно 49,18 отсто од акциите на компанијата. Акциите се продаваат за 860 куни по акција, а работниците добиле гаранции за работните места. („Вечерњи лист“)