Кумровец – Хрватската влада донесе одлука за продолжување на рокот за уплата на 14.09 милиони куни за купување на објектите од некогашното политичко училиште во Кумровец, за што е заинтересирана една кинеска фирма. Сопственичката на оваа фирма не ја уплати сумата во претходно договорениот рок, а таа сега може да ја уплати сумата до крајот на годината. („Нови лист“)

Подгорица – Претседателите на Црна Гора и на Италија, Мило Ѓукановиќ и Серџо Матарела, го пуштија во употреба кабелот меѓу двете земји, а со двонасочниот подморски кабел се обезбедува полесен пристап до електрична енергија, а ЦГ ќе ги користи погодностите од интегрираниот енергетски пазар. (РТЦГ)

Белград – Во Србија, според неофицијални информации, секој ден работно се ангажирани околу 34.000 пензионери и тоа најмногу во занаетчиските професии, но и во значајни државни институции. („Политика“)


Бисер балкански

Духот на Анте Марковиќ!
– Проблемот е во тоа што не дојде до вистинско помирување меѓу балканските народи. Тоа сега нѐ води во зона на постојани тензии и чувство дека војната не е завршена. Засилени со сиромаштијата и фактот што нема јасна ЕУ-перспектива, национализмот и криминалците се хранат на ист начин како што се случи со СФРЈ во 1990 година. Тогаш Западот не успеа да даде поддршка за проектот на Анте Марковиќ и потоа следуваше деценија на војни. Ми се чини, сега се случува истата работа и тоа е голема опасност за регионот. И тогаш претседателите на републиките се состануваа, а сето време се подготвуваа за војна. Мене ми изгледа слично – Слободан Георгиев, новинар и координатор на балканската истражувачка мрежа БИРН за Србија, кој на трибина во Њујорк посочи дека земјите од регионот не станаа функционални демократии.