Загреб – Во Хрватска првпат се остварени повеќе од 20 милиони туристички посети во една туристичка година, а првпат е надминат и бројот од 107 милиони ноќевања, објави Министерството за туризам на РХ. („Јутарњи лист“)

Сараево – Значителен број граѓани, кои ја напуштиле Босна и Херцеговина, се обидуваат да ги измамат банките од кои имаат кредити, со намера да не ги вратат. На банките во БиХ им се врзани рацете, затоа што не постои активен механизам за санкционирање на граѓаните, ни за наплата на побарувањата. („Кликс“)

Атина – По почетниот претпазлив став, Грција изминатите денови се мобилизира за да испрати порака дека ќе се бори за продолжување на проширувањето, но и да ја поддржи целта на реформите на Западен Балкан, вели професорот од универзитетот „Македонија“ во Солун и виш научен соработник во фондацијата за надворешна политика „Елиамеп“, Јанис Армаколас. Тој објаснува дека Грција сама не можела да стори ништо за да го спречи француското вето, но коментира дека сега грчката дипломатија одново се активира за ЕУ-перспективата на Западен Балкан. (МИА)

Банкарево – Коридорот 10 во Србија, кој ќе ја поврзува оваа соседна земја со Бугарија, и официјално е завршен. Вкупната должина на овој коридор низ Србија изнесува 813 километри, а е оценет како многу значаен за поврзување на Европа со азискиот континент. (Данас.рс)


Бисер балкански

Мерси Макрон
– Му благодарам на претседателот Макрон што на светската, но и на сопствената јавност ѝ ја соопшти вистината на која долго време укажувам, кога е во прашање Босна и Херцеговина, поради што трпев критики од некои од меѓународната заедница, на кои не им одговараше вистината за состојбата во БиХ. Тоа што го соопшти Макрон е одговорен пристап за решавање на проблемите со кои се соочува земјата – Милорад Додик, српски претставник во Претседателството на Федерацијата БиХ, во изјава за Танјуг, во врска со изнесениот став на францускиот претседател Емануел Макрон дека сегашното уредување на БиХ претставува опасност за Европската Унија, поради исламскиот тероризам и војниците џихадисти, кои беа регрутирани за војните во Сирија и во Ирак, а кои сега се враќаат во матичната земја.