Софија – Бугарското министерство за надворешни работи побара од Москва да отповикаат еден дипломат во нивната амбасада во Софија, по обвинението дека првиот секретар бил вклучен во шпионажа повеќе од една година. (Нетпрес)

Приштина – Средбите на движењето Самоопределување со Демократскиот сојуз на Косово се редовни и напредуваат, па новата влада ќе биде формирана многу брзо, изјави лидерот на Самоопределување Албин Курти, кој рече дека приоритет на новата влада, во која тој ќе биде премиер, ќе биде владеење на правото, борбата против организираниот криминал и високата институционална корупција, за да се трасира патот за општествено-социјален напредок на земјата. (КосНет)

Атина – Грција би требало да го повлече нацрт-законот со кој се ограничува пристапот за заштита на барателите на азил од Сирија, Ирак и од Авганистан, соопшти организацијата „Хјуман рајтс воч“. ХРВ наведува дека нацрт-законот, за кој ќе се расправа во парламентот оваа недела, го олесни задржувањето на мигрантите на подолг период и ги лиши ранливите луѓе, вклучувајќи ги и децата без придружба, од неопходната заштита. (РСЕ)

Сараево – Амбасадата на САД во Босна и Херцеговина изрази разочарување што земјата паднала на 90-то место во светот според можноста за водење бизнис, на ранг-листата што ја изработува Светската банка. („Независне новине“)


Бисер балкански

Каде е Хрватска?
– Хрватска има илјада лица. Едно од нив е Томсон, но денеска медиумите се оние што кажуваат што е и кој е. И ако медиумите ви кажат дека Томсон е Хрватска, тогаш Томсон е Хрватска. Ако медиумите ви кажат дека топ тема на нашиот живот е цврстиот задник на Северина, тогаш тоа е топ тема на нашиот живот. Значи, Томсон сигурно не е Хрватска. Хрватска е во Ирска, Хрватска е во Германија, Хрватска е насекаде, а другите се дома и тоа оние што не можеле да заминат и кои немаат избор. И старците што се пред смртта – Ведрана Рудан, хрватска писателка во исповед за „Србија данас“.