Белград – Русија испрати ракетни системи „С-400 панцир“ во Србија, кои ќе учествуваат во заедничката тактичка вежба на единицата од противвоздушната одбрана на војската на Србија и воздушно-вселенските сили на Руската Федерација – „Словенски штит 2019“, која ќе се реализира на полигонот на аеродромот во Батајница, соопшти српското министерство за одбрана. (РТС)

Подгорица – Турското министерство за одбрана ќе стане главен донатор на војската на Црна Гора со 16 милиони евра во следните пет години, а средствата ќе бидат наменети за изработка на теренски возила за потребите на црногорската војска и образовање кадар во турските воени училишта. („Независне“)

Загреб – На протестот на вработените во основните и средните училишта во Хрватска, што трае веќе три недели, вчера му се приклучија и вработените на факултетите, кои во првата фаза на штрајкот на факултетите нема да држат настава само еден ден. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ претходно вети зголемување на платите на вработените во јавниот сектор за нешто повеќе од шест отсто во три наврати од по два отсто, но тие не прифаќаат сѐ додека не се решат коефициентите за сложеност на работата. („Вечерњи лист“)


Бисер балкански

Политички мостови
– Ова е лудост. Се задолжуваме со многу пари за проекти што не служат за ништо, а не носат никаква економска корист. Сѐ правиме на сила и градиме политички за да ги задоволиме Србите, Хрватите или Бошњаците во БиХ. Тоа што овие проекти немаат никаква смисла – никому ништо. Нема планови, нема стратегија, сѐ се прави политички и ова е еден хаос – Шевал Ковачевиќ, сообраќаен експерт, за бесмисленоста да се гради мостот кај Свилаје со кој се спојуваат БиХ и Хрватска, каде што нема граничен премин, како и за мостот „Братољуб“ меѓу БиХ и Србија, кој не е во функција две години затоа што не постојат гранични премини меѓу овие земји.