Турција речиси ја заврши изградбата на ѕидот на границата со Иран, се наведува во извештајот претставен на парламентарната поткомисија за миграција, јави весникот „Милиет“. Досега Турција има изградено ѕидови со вкупна должина од 1.079 километри по должината на нејзините копнени граници за да спречи илегален влез на мигранти, особено преку нејзините источни граници. Во голема мера е обезбедена контрола и на граничната линија со Иран, преку која во земјата влегуваат мигранти од Авганистан и во Пакистан, потсетува весникот.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој вчера се сретна со претседателот Мило Ѓукановиќ во Подгорица, рече дека ова е важен момент за европската иднина на Западен Балкан и оти регионот е стратегиски приоритет на ЕУ, сега повеќе од кога било. „ЕУ беше обединета во воведувањето санкции кон Русија, а притисокот го обезбедува континуитетот на шест пакети санкции“, рече Мишел на заедничката прес-конференција со Ѓукановиќ.

Петтемина бугарски пратеници, кои најавија дека заминуваат од партијата Има таков народ поднесоа барања за напуштање на пратеничката група во Народното собрание.
Николај Радулов, Дејан Петков, Иво Атанасов, Светлин Стојанов и Георги Георгиев станаа независни пратеници. Парламентарната група на ИТН сега во бугарскиот парламент има 20 пратеници.
Бугарските медиуми јавија дека на Фејсбук се организира национален марш за поддршка на владата на Кирил Петков и Асен Василев што треба да се одржи во Софија на 22 јуни.
Причина, најверојатно, се потресите во земјава во последните денови и повлекувањето на Има такви од владејачката коалиција.