Љубљана – Докторка од Помурје во Словенија издавала потврди за коронавирус за 50 евра. Обвинетата докторка изјави дека ги издавала сертификатите врз основа на наодите што докажуваат присуство на антитела во телото, но тоа не е валиден начин да се потврди дека некој прележал коронавирус. Во Словенија се бара позитивен ПЦР-тест постар од десет дена и не постар од 180 дена. Случајот го истражува и Лекарската комора на Словенија. („Индекс“)

Скопје – Црногорскиот вицепремиер Дритан Абазовиќ во својот говор на Економскиот самит во Скопје се осврна на организираниот криминал и корупцијата, кои се голем проблем на Западен Балкан.
– Мислам дека корупцијата и организираниот криминал се генератор на многу негативности во регионот. Мора да разбереме дека без борба против овие фактори во регионот, во рамките на нашите земји, не можеме да имаме институции што се професионални, независни и кои ќе обезбедат подобри услови за луѓето – рече Абазовиќ. („Независен“)

Софија – Бугарскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи, Бојко Рашков, испрати писмо до својата колешка, министерката за регионален развој и јавни работи Виолета Комитова, во кое предлага да се обнови изградбата на новиот граничен премин кон Србија, соопшти прес-центарот на бугарското МВР. Станува збор за продолжување на градежните активности на новиот граничен премин во реонот на селото Салаш (Бугарија) и селото Ново Корито (Србија). (РТС)


Бисер балкански

„ЕУ не е добар медијатор“

– Најновата ескалација на судирот на северот на Косово мене ми сигнализира дека станува збор за последиците на еден запуштен и бавен процес на преговори меѓу Белград и Приштина, кој трае од 2013 година. Од друга страна, ова го гледам и како последица на запуштената политика на проширување на ЕУ. Мислам дека до ова доаѓа и поради конфликтот на внатрешнополитичката сцена, како во Србија така и во Косово. Низ конфликти најлесно се хомогенизираат луѓето – вели Тонино Пицула, пратеник на СДП во Европскиот парламент.
Пицула, кој е член на Одборот за надворешна политика и за Западен Балкан, дополни дека „Европската Унија, која е мировен проект, не успева во ова време, кога таа повеќе е свртена кон себе и внатрешните проблеми и не е ефикасен и добар медијатор во судирите на Западен Балкан“.