Подгорица – Црна Гора ќе вакцинира 70 проценти од населението против коронавирус до септември 2022 година, изјави црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ.
По покана од американскиот претседател Џо Бајден, тој учествуваше на глобалниот онлајн самит посветен на борбата против ковид-19, на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации. Самитот, како што соопшти Владата во Подгорица, беше можност да се потврдат глобалните напори од мултилатерални, национални и глобални фондови и нивната неподелена подготвеност да обезбедат финансиска, експертска и техничка поддршка за да ѝ се стави крај на пандемијата на ковид-19.

Тирана – Поради високата стапка на новозаразени со ковид-19, албанскиот технички комитет на експерти за справување со пандемијата одлучи да останат во сила постојните мерки за заштита од коронавирусот и притоа испрати апел до граѓаните за масовна вакцинација во земјата. Како што пренесуваат албанските медиуми, ова ќе значи дека полицискиот час во периодот од 23 до 6 часот наутро останува да важи во Албанија, а музиката во угостителските објекти и понатаму ќе биде забранета по 23 часот. Од комитетот за справување со пандемијата информираат дека 63 отсто од инфицираните случаи во земјата се со умерена до отежната форма на болеста, 24 отсто се со тешка форма, 13 отсто се критични, додека смртни случаи дневно во просек има од 5,1 до 5,4 отсто.

Софија – Во предизборниот период во Бугарија, коалицијата ГЕРБ-СДС го зголемила својот рејтинг во анкетите за 11 отсто и сега народната поддршка е 22,6 отсто, наведува социолошкото истражување на „Маркет линкс“. Според анализата, во моментов на второ место во предизборните анкети се бугарските социјалисти на Корнелија Нинова, со народна поддршка од 14,5 отсто, а потоа следуваат партијата Има таков народ на Слави Трифонов, со 13,5 отсто, и Демократска Бугарија, на поранешниот министер за правда Христо Иванов, со 11,9 отсто. Од анкетираните, 77 отсто исто така одговориле дека сигурно ќе гласаат на претстојните избори во Бугарија, додека 14 отсто одговориле дека нема да гласаат, а девет отсто се двоумат.

Љубљана – Во Словенија се појавија луѓе што се подготвени да се вакцинираат неколкупати за да добијат „награда“ по неколку стотици евра. Се работи за луѓе со послаб финансиски статус, кои тоа го прифаќаат наместо побогатите антиваксери на кои им е потребен ковид-сертификатот за да можат да функционираат во периодот на рестрикции воведени поради пандемијата наметната од коронавирусот.
Новинарите од љубљанскиот весник „Дело“ пренесуваат дека стапиле во контакт со млад човек што досега бил вакциниран четири пати. Според неговиот исказ, побарувачката за луѓе што сакаат да се вакцинираат во името на други сограѓани е на цена уште од мај годинава.