Сараево – Професионалните војници во сѐ поголем број ги напуштаат оружените сили на Босна и Херцеговина. Само за првите десет месеци воената служба ја напуштиле 80 војници, а лани договорите ги раскинале околу 300 војници и офицери, поради ниските плати, кои не се зголемени десет години. („Дневен аваз“)

Белград – Управата за извршување кривични санкции во Министерството за правда во Србија објави дека до крајот на 2020 година затворските капацитети ќе бидат зголемени на 12.000 места за сместување на притвореници и осудени лица, а сегашниот капацитет во целиот затворски систем изнесува 10.500 места. (РТВ)

Софија – За последните шест години, Бугарија платила 319 милиони долари повеќе за природен гас поради долгорочниот договор за достава од Русија, додека цената за испорака од центарот во Австрија, односно на слободниот пазар, е двојно пониска, информираат бугарските експерти за енергетика. Русија останува главен снабдувач на природен гас во Бугарија – речиси 100 отсто, а минимални количества течен гас првпат се добиваат од Грција. (БНТ)