Атина – Ако некој вработен, со неговиот избор да не се вакцинира, ја става компанијата во опасност, тогаш тоа е важна причина да биде отпуштен, рече министерот за развој и инвестиции на Грција, Адонис Георгијадис. Георгијадис сепак објасни дека пред да стигне до отпуштање, компанијата ќе треба да ги исцрпи сите можности што стојат на располагање, како што е на пример работа од дома. Вакцинацијата во Грција, засега, е задолжителна за здравствените работници и за вработените во центрите за грижа на лица.
Во конкретните центри, доколку вработен одбие да се вакцинира, нема да биде отпуштен од работа, туку ќе биде на принуден неплатен одмор на неодредено време. („Скај“)

Белград – Девет лица, од кои четири деца, се повредени во тешка сообраќајна незгода, која се случила утринава околу 5 часот на автопатот Белград – Ниш. Несреќата се случила на околу десетина километри од Ниш, кога патнички автомобил од марката БМВ со швајцарска регистрација, управуван од 21-годишник, се судрил со комбе, управувано од турски државјанин. („Новости“)

Софија – Треба да имаме влада, сите го очекуваме тоа, мислам дека Бугарија нема време за губење за да организира избори по избори. Ова пред новинарите во Созопол го изјави бугарскиот претседател Румен Радев.
Тој рече дека очекува одговорен став од сите политички партии, дијалог и консензус за важните приоритети. Сега е време да се покаже одговорност пред сите, порача Радев.
Тој изрази надеж дека нема да има потреба од нови избори. („Нетпрес“)


Бисер балкански

Србин за Србин, Хрват за Хрват…

Во полициската служба во Херцеговачко-неретванскиот кантон на распишаниот конкурс за 26 полицајци не било примено ни едно лице од српска националност. Во овој кантон се забележува недоволната застапеност на Србите во јавната администрација.
Министерот за внатрешни работи на ХНК се повикува на непишаното правило, кое постои веќе дваесет години, а тоа е распишаното место за работа да се пополнува со лице со иста националност како и претходно вработениот.
– Ако недостига Хрват се прима Хрват, ако недостига Србин се прима Србин, ако недостига Бошњак се прима Бошњак. Ни на едно српско место не е примен некој друг- вели Слаѓан Беванда, во изјава за новинската агенција „Срна“.