Атина – Грчката влада им нуди припејд-картичка со 150 евра на младите луѓе на возраст од 18 до 25 години ако се вакцинираат барем со една доза вакцина против ковид-19, пренесува „Екатимерини“. Ова е поттик за зголемување на бројот на вакцинирани граѓани во државата. Картичката ќе ги покрие трошоците за патувања и забава, како што се билети за авиони и траекти, резервации за хотели, музика, театар и кино, музеи и археолошки места. Премиерот Кирјакос Мицотакис рече дека го препознава влијанието на долгите карантински месеци врз социјалниот живот на младите.

Тирана – Албанската влада се одлучи за зголемување на јавниот долг оваа година на 82,4 отсто од бруто-домашниот производ (БДП), со што се зголемува буџетскиот дефицит на ниво од 120,5 милијарди леки (околу милијарда евра) од 108 милијарди леки колку што планираше на почетокот на годината. Владата ја зголеми годишната мерка за дефицит, кршејќи го фискалното правило утврдено во Законот за буџет во 2016 година, што не дозволува нов долг за една година да биде повеќе од два отсто од БДП. Со последните измени, буџетскиот дефицит достигнува 7,1 отсто за оваа година, наспроти 6,5 отсто од БДП утврден во првичниот закон за буџет за 2021 година.

Приштина – Косовската полиција завчера уапси Црногорец во Газиместан за време на прославата на Видовден, откако тој се бунел што тие претресувале монахиња, како што може да се види од снимката објавена на Јутјуб. Газиместан се наоѓа на 15 километри од Приштина, а по повод одбележувањето на Видовден таму се собраа околу илјада Срби од Косово, но и од Србија и другите земји во регионот. Црногорецот приговорил поради тоа што полицијата претресувала монахиња, по што полицајци во цивилна облека и специјалци грубо го привеле, по што го одвеле во правец кон Приштина.

Тирана – По серијата криминални настани во земјата и неодамнешниот вооружен инцидент со четири жртви во Велипоја, албанскиот премиер Еди Рама најави реорганизација на државната полиција. За време на неговиот престој во Валона, тој им се извини на новинарите поради недостигот од време да одговара на прашања, поради итната средба што ја свикал со министерот за внатрешни работи и други високи полициски функционери.