Приштина – Поранешниот косовски премиер, лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај, ја осуди вчерашната изјава на портпаролот на Владата на Албин Курти, Прпарим Криезиу, дека договорот што лани во Вашингтон го потпишаа челниците на Косово и на Србија „нема правна моќ“, јавија медиумите. Харадинај порача дека доколку Курти не ја демантира таа изјава, тогаш „тој ја презема сета одговорност за загрозувањето на стратегиското партнерство“ со САД.

Подгорица – Во Црна Гора стапија во сила нови епидемиолошки мерки, максимално либерализирани, соопшти Министерството за здравство. Режимот на граничен премин за земјите од регионот не е променет. Одлуката е донесена врз основа на процена на моменталната епидемиолошка состојба и бројот на вакцинирани жители, како и пад на бројот на заразени лица, по предлог на Советот за борба против коронавирусот. Се укинува временското ограничување за работа на компании и претприемачи што се занимаваат со трговија на непрехранбени производи и обезбедување услуги (трговски центри, продавници за обувки и облека, салони за убавина, фризерски салони).

Белград – Во Србија досега се дадени вкупно 5.058.165 дози вакцини против коронавирусот. Првата доза ја примиле 2.673.634 лица, а 2.384.531 граѓанин се вакцинирани со двете дози. Процентот на вакцинирани во Србија е 44,34, додека 40,45 проценти од граѓаните се вакцинирани со две дози, јавува РТС. Досега во Белград се вакцинирани 52,3 проценти од луѓето, а двете дози ги примиле 48,4 проценти од граѓаните. Епидемиолошката состојба во Србија е сѐ подобра, се намалува и бројот на заразени и бројот на починати.

Анкара – Турција има намера до крајот на оваа деценија да испрати ровер на Месечината користејќи ракетен мотор од домашно производство, кој би требало да се тестира во 2023 година на пробен лет кон Месечината. Претседателот на Турската вселенска агенција (ТУА), Сердар Хусеин Јилдирим, во вторникот во Санкт Петербург говореше на Глобалната конференција за истражување на вселената (ГЛЕКС) 2021, за плановите за неговата вселенска програма. Роверот, според Јилдирим, би требало да биде лансиран во 2028 или 2029 година, да слета на Месечината и да спроведе истражување на нејзината површина, пишува „Спејс.ком“.