Софија – Бугарија се наоѓа на последното место во Европската Унија според индексот за медиумска писменост од 2021 година, а на тоа ниво е веќе четири години. Лошите перформанси на Бугарија се должат на слабите резултати на медиумската писменост во анкетите на ПИСА, слабите процени на слободата на медиумите на меѓународната ранг-листа на „Фридом хаус“ и „Репортери без граници“ и ниското ниво на доверба кај луѓето. (ТВ 24)

Тирана – Албанскиот премиер Еди Рама ги повика здравствените работници од Косово да се вакцинираат против коронавирусот во северниот албански град Кукс, кој е во близината на албанско-косовската граница. Вакцинацијата на просветните работници, која во саботата почна во Тирана, треба да почне на целата територија на земјата. Рама рече дека вакцините на „Астра Зенека“ се безбедни, дека Албанија ги примила од Шведска. („Макпрес“)

Приштина – Палестинскиот амбасадор во Белград, Мохамед Набхан, остро го критикува Косово за отворањето на Амбасадата во Ерусалим. Набхан рече дека Косово, кое, како што вели, сè уште не е држава, почна да го крши меѓународното право на штета на другите народи не само на Балканот туку и на Блискиот Исток, велејќи дека тоа нема да остане неказнето. („Локално“)


Бисер балкански

Капиталистичка вакцина

– Најновата политичка одлука на европските лидери за задолжително дигитално обележување на тие што не се само што вакцинирани, туку и да се вакцинирани со капиталистичката вакцина, е само еден од поразителните докази за штетноста на монополистичкиот капитализам, независно од тоа дали е тој американски, европски или израелски. Станува збор за неспособноста или неподготвеноста на светските лидери и државни институции владеењето на правото да го спроведат на дело. Од друга страна, сѐ пожестоки се притисоците на водечките корпорации на монополистичкиот капитализам… Целта е сѐ поголема централизација на моќта и остварување на монополистичкиот систем на производство, распределба, размена и потрошувачка на сето она од што светот е зависен: од вода, струја, храна, лекови до вакцини против коронавирусот и дигитални пасоши за вакцинација и за потеклото на вакцината – пишува Зекеријах Смајиќ, дописник од Брисел за „Ал џезира“.