Софија – Бугарското министерство за одбрана пред седум дена ги извести НАТО и Генералштабот на Романија дека Бугарија нема да може да учествува во маневрите „Посејдон 21“ поради случаи на коронавирус. Официјалната церемонија на отворање на маневрите се одржа во романското пристаниште Констанца. Претходно беше планирано во нив да учествуваат седум сојузнички земји – Бугарија, Грција, Шпанија, Романија, САД, Турција и Франција. Во вежбите, кои траат од 27 февруари до 6 март, учествуваат повеќе од 700 војници, 13 брода и девет воени авиони. (БНТ).

Загреб – Градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, почина ноќта во саботата, како последица на срцев удар. Бандиќ беше една од најконтроверзните појави на хрватската политичка сцена, при што 20 години владееше со главниот град на Хрватска. Бандиќ првпат стана градоначалник во 2000 година, како кандидат на Социјалдемократската партија, но две години подоцна поднесе оставка откако пијан предизвика сообраќајна несреќа, по што се обидел да подмити полицаец. На функцијата се врати во 2005 година. Неговото име беше спомнувано во многу афери. („Индекс“)