Белград – Новиот, 46. српски патријарх, патријархот Порфириј вчера свечено беше устоличен со света архијерејска литургија во Соборниот храм во Белград, која ја служеа членови на Синодот на Српската православна црква. По интронизацијата во Соборната црква на Св. Архангел Михаел, патријархот Порфириј треба да биде воведен на престолот на српските патријарси во Печката патријаршија, историското седиште на поглаварите на Српската православна црква, соопштија од Српската православна црква. (РТС)

Загреб – Од 1 до 15 март во Хрватска ќе се одржи пробен попис на населението. Пробниот попис ќе се одржи во Вараждинската жупанија, заедно со Приморско-горанската, Осиечко-барањската и Сплитско-далматинската жупанија, како и во градот Загреб. Пробниот попис ќе опфати околу 12.000 луѓе. („Хина“)

Белград – Сообраќајната полиција во Србија повеќе не ќе мора да го запре возилото за да ја врачи казната, туку таа ќе пристигнува директно на домашната адреса. Полициските возила наскоро ќе бидат опремени со камери. Во возилата ќе има две камери. Едната ќе ги снима регистарските таблички на возилата на двете сообраќајни ленти, а другата ќе биде амбиентална, ќе го снима просторот пред автомобилот на сообраќајната полиција и ќе ги бележи евентуалните прекршоци. (РТС)


Бисер балкански

Вакцини и од мафија

– Сите се изиграни, вакцините доаѓаат и почесто ќе доаѓаат, лекарите и сестрите по улиците ќе бараат луѓе за вакцинација. Вакцини ќе има. Кога ќе има повеќе вакцини од луѓе што сакаат да се вакцинираат, приказната е завршена, како на пример во Босна и Херцеговина. Тоа се факти. Јас не го слушав секогаш тоа што се сугерираше од Европската Унија. Да го слушавме Брисел, знаете кога би го донеле Законот за конверзија на кредитите во швајцарци. Тоа не е сувереност, тоа е елементарна должност на државата. Ако е достапна, вакцината би ја купил и од чеченската мафија. Каков Брисел, кога е фрка нема Брисел, работиш во свој интерес. Руската вакцина постои и сега ни треба – изјави претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, во разговор за дневникот на ТВ Нова, за своите сто дена од изборот за претседател на Хрватска.