Атина – Грција воведува тридневен карантин за сите патници што ќе пристигнат со авион на 18 декември во земјата. Грчката агенција за цивилно воздухопловство издаде белешка со која се проширува мерката за заштита на патниците во воздухот и населението од инфекција со коронавирус, што вклучува задолжителен тридневен карантин за сите патници што влегуваат во Грција. Одлуката се однесува и на патниците што одат во Грција од земјите членки на ЕУ и ќе биде во сила од 18 декември до 7 јануари. (АНА)

Софија – Бугарскиот министер за здравство, Костадин Ангелов, објави дека ќе инсистира да не се олеснат рестриктивните антиепидемиски мерки од 21 декември.
– Прерано е да се олеснат мерките од 21 декември. Како лекар и министер, верувам дека не смеат да се дозволуваат ноќни собири и пијанства во рестораните. Би било прерано – рече Ангелов. (БТА)

Загреб – Во Хрватска, средните училишта во сите жупании и повисоките одделенија во основните училишта во четири жупании ќе ја следат наставата преку интернет.
(„Индекс“)


Бисер балкански

Само да е руска вакцина

– Република Српска застана во ред и мислам дека сме во врвот на овој ред за добивање вакцина. Ќе има и други вакцини. Што се однесува до мене, јас ќе примам руска вакцина. Верувам во неа, не верувам во комерцијални приказни што доаѓаат од Запад. Овде вакцината ја прави државата – изјави Милорад Додик, претседавач со Претседателството на Босна и Херцеговина, кој додаде дека за испораката на руската вакцина ќе говори и на средбата со рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров.