Белград – Рускиот претседател Владимир Путин ја откажал најавената посета на Србија, јавуваат српскиот портал Нова и весникот „Данас“. Како што наведуваат изворите на „Данас“, Кремљ не открил зошто Путин се откажал од најавеното доаѓање, „но на Русите секако не им е по волја неодамнешното српско приближување кон американските позиции“. И порталот Нова, повикувајќи се на свои извори, го јавува истото тоа.

Атина – Помали судири се случија вчераутро во центарот на Атина, непосредно пред крајот на собирот на студенти, кога група непознати лица ја нападнале полицијата на авенијата Амалиас. Тие фрлале молотови коктели и други предмети кон полицијата, која се бранела со употреба на солзавец. Напнатоста во таа област сега е намалена, пренесе агенцијата АНА. Пред инцидентот се одржал собир на ученици што барале од Владата да ги преземе сите потребни мерки за безбедноста на учениците и наставниците во училиштата поради пандемијата на коронавирусот.