Тирана – Министерот за надворешни работи на Албанија, Ген Цакај, очекува во Бујановац да биде отворен првиот генерален конзулат на Албанија. Тој потсети дека во петокот владите на Албанија и на Косово потпишале спогодба за основање заеднички фонд за Прешевската Долина, по што ќе бидат определени висината на средствата и начинот на нивна распределба.
– Прешевската Долина е најнеразвиен регион во Србија. Поддршкана на овој регион не е само национална задача туку и неопходна политичка акција – изјави Цакај. (Н1)

Подгорица – Црногорско-приморскиот митрополит Амфилохиј е префрлен во Клиничкиот центар во Подгорица, откако беше објавено дека е позитивен на коронавирус. Амфилохиј најпрво престојувал во болницата „Данило I“ во Цетиње, каде што му била извршена стандардна процедура на лекување. Амфилохиј има 82 години и е во ризичната група. Медиумите објавија дека тој не бил виден во јавноста со заштитна маска, освен кога гласал на парламентарните избори на 30 август. („Вијести“)

Белград – По 20 години, учениците во основните училишта во Бујановац, Прешево и во Медвеѓе што посетуваат настава на албански јазик добија нови учебници.
– Направен е голем напредок во остварувањето на интересите на албанското национално малцинство и прашањето да се реши проблемот со учебниците – изјави Зоран Станковиќ, претседателот на Координативното тело за општина Бујановац, Прешево и Медвеѓе.
(„Новости“)


Бисер балкански

Свечено отворање контејнер

– Што ќе се случи кога некој новинар, 40-50 години по нас, ќе ја отвори папката со прав од нашето време и во неа ќе пронајде вест дека целото општинско раководство во Какањ се собрало свечено да пушти во работа – контејнер, а за тоа се информирало во сите медиуми? Дали тие луѓе, кои тогаш ќе живеат, ќе нѐ вреднуваат по тоа што е „свечено отворено“ во ова време? Дали ќе ни се смеат или ќе нѐ сожалуваат, прашањето е сега – коментар на Амир Шушањ, во текст објавен на „Ал џезира“, во кој се посочува на сите апсурди на предизборната кампања за локалните избори во Босна и Херцеговина, во која граѓаните ќе бидат сведоци на многу други отворања од политичарите.