Белград – Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, не ја исклучи можноста за одложување на состанокот во Вашингтон, за што се шпекулира и од приштинскиот печат.
– Им порачувам на тие што сонуваат дека признанието за Косово ќе биде потпишано дека нема можност, под никакви околности да направи тоа – изјави Вучиќ. („Новости“)

Загреб – Откако Хрватска е ставена на црвените списоци поради епидемиолошката состојба, туристите почнаа да заминуваат од земјата. Хрватска беше ставена на црвениот список од Словенија и од Велика Британија. Завчера повторно забележа голем број, 255 новозаразени со вирусот, што е трет неславен рекорд едноподруго оваа недела. („Индекс“)

Тирана – Нема „балканска маршрута“ на коронавирусот, исто како што не постои балканска мафија, ниту балкански земјотрес или балкански болести – ваквите изјави се за политички цели, изјави албанскиот премиер Еди Рама во интервју за германскиот весник „Билд“.
Рама рече дека ниту една балканска земја не може да претставува закана, ниту за Германија, ниту за остатокот од ЕУ. („Опсервер“)


Бисер балкански

Бегство од одговорност

– Државното анкетирање на родителите за тоа дали децата, во екот на пандемијата, треба или не треба да посетуваат настава во училиштата е бегство на Владата од одговорноста и привид на демократија. Владата, а не родителите, треба да ги слуша здравствените, образовните и другите стручњаци и да оцени што е најдобро решение, да го донесе, да го спроведе и да ја преземе одговорноста за исходот. Затоа постојат владите, затоа ги избираме и плаќаме данок. Кога, поради вирусот, ја извадија војската на улица не нѐ прашаа. За разлика од државата, родителите не се должни, ниту можат кого било да натераат да работи или не, па тоа да било и во интерес на здравјето и опстанок на заедницата. Одлуките со кои можеби не се согласуваат сите, понекогаш тоа е и мнозинството, мора да се донесат во најдобар интерес за поединецот и заедницата – рече Саша Јанковиќ, поранешен народен правобранител во Србија.