Атина – Во 16 области на Грција, кои се сметаат за региони со лоша епидемиолошка слика и зголемен број на случаи со ковид-19, се воведуваат нови, дополнителни рестриктивни мерки, меѓу кои и ограничено работно време на угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови. (МИА)

Белград – Владата на Србија ќе формира специјален тим за заштита на српските духовни наследства на Косово, во Црна Гора и Хрватска. Членовите на тимот ќе бидат историчари, историчари на уметноста, архитекти, сликари, како црковни лица, интелектуалци и угледни јавни личности. Идејата за формирање ваков тим ја поттикна последната акција на Приштина, која дозволи изведување градежни работи во непосредната близина на заштитената зона на манастирот Високи Дечани. („Политика“)

Атина – Грција вчера беше погодена од земјотрес со јачина од 5,0 степени во 10:30 часот по локално време, соопшти Европскиот сеизмолошки центар. Епицентарот бил во море, околу 118 километри северно од Атина и 52 км југоисточно од островот Хидра. Земјотресот бил почувствуван на Крит и во Атина. („Локално“)


Бисер балкански

Расипаниот телевизор

– Да поставам едно прашање. Ако на човек му се расипе телевизор и мора за поправката да издвои 200 евра, дали повеќе ќе го погоди ако заработува 3.000 евра или 300 евра месечно? Па колкав лажливец треба да си или колку луд треба да се биде за да се каже дека сиромашна Србија подобро ќе ја помине кризата од пребогатата Германија или Норвешка? Кога почна кризата, предложивме да им се помогне на најзагрозените, а не пари да им се даваат на сите. Нашиот предлог беше да се субвенционираат платите за оние работници што имаат помал приход во првото полугодие, како и зголемување на платите за 40 отсто на лекарите, наставниците, сестрите и воспитувачките за сметка на финансирањето на бесмислени проекти и за вооружување – рече Драган Ѓилас, претседател на Партијата за слобода и правда, за изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ, дека Србија ќе постигне најдобри економски резултати во услови на корона-кризата.