Загреб – Актуелниот и иден премиер Андреј Пленковиќ го формира новиот состав на кабинетот, но ќе го објави по средбата со претседателот Зоран Милановиќ, кој треба да му даде мандат за составот на новата влада. Како што пренесуваат хрватските медиуми, конститутивната седница на парламентот треба да се одржи кон средината на идната недела, откако последната седница на Владата ќе се одржи во вторник. (ХРТ)

Брисел – Дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ продолжи вчера, во Брисел, со средба меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Авдулах Хоти. Домаќини на состанокот, закажан за 16 часот, се шефот на европската дипломатија, Жосеп Борел, и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак. (Б92)

Софија – Бугарското национално собрание в понеделник, на вонредна пленарна седница, ќе расправа за гласањето недоверба на владата на Бојко Борисов, поднесено од опозициската БСП. Предлогот за датумот на седницата го даде претседателката на парламентот Цвета Карајанчева, а доби поддршка од 172 пратеници, јавија бугарските медиуми. Темата за разгледување и гласање повторно е поврзана со корупцијата, што беше повод за протести во Софија и во голем број градови низ целата земја. (БНТ)


Бисер балкански

Функционална депресија

– Токсичноста на денешницата се одликува со страв на луѓето да чувствуваат тага и да се занимаваат со тоа. Со префрлање на реалноста во онлајн просторот, се губи поврзаноста на луѓето и со тоа стануваат потрошувачка стока. Не постои официјална дијагноза за „функционалната депресија“ и таа се јавува кај високофункционалните личности. Ваквиот облик на депресија не е мит, погодува голем број луѓе од разни социо-економски и старосни граници и се разликува од сликата за клиничка депресија поради присуството на социјална фасада. Луѓето што живеат со функционалната депресија изградиле фасада, преку активното учество во секојдневните активности криејќи ги од светот длабокото чувство на безнадежност, сивило, празнина, кои траат многу години – рече Душанка Вучиниќ, специјалиста за медицинска психологија во Србија, која потсетува дека сега поминуваме низ тежок период и им советува на луѓето да се занимаваат со спорт, да минуваат повеќе време во природа и да комуницираат со блиските.