Виена – Австрија воведе највисок степен на предупредување за патувањето на нејзините граѓани во Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора и во Македонија. Највисокиот степен на предупредување за овие земји стапи во сила веднаш, а станува збор на највисоко ниво на безбедност и се издава само за земји во кои има војни. Министерката за интеграција Сузан Раб, во средата, апелира до повеќето од половина милион граѓани од Австрија што имаат потекло од наведените балкански земји да ги откажат своите патувања во земјите од кои потекнуваат.
Во Австрија биле регистрирани случаи на заболени лица што се вратиле од некои од земјите на Западен Балкан. Министерот за внатрешни работи Карл Нехамер најави спроведување интензивни контроли на граничните подрачја. Лицата што се враќаат од овие земји ќе можат да се вратат во Австрија по двонеделна самоизолација или со најнов негативен тест на коронавирус.

Белград – Градоначалникот на Белград, Зоран Радојичиќ, изјави дека во главниот град на Србија се воведува вонредна состојба. Клубовите, сплавовите и кафулињата што немаат тераси во Белград ќе бидат затворени на две недели, во периодот од 23 часот до 6 часот, како мерка за спречување на ширењето на коронавирусот. Парично ќе се казнуваат лицата што нема да носат заштитни маски во трговските центри и во јавниот градски и меѓуградски превоз. Бројот на луѓе собрани во затворено ќе биде ограничен на 100, со одржување растојание и со маски, а на отворено на 500 лица.