Приштина во целосен карантин Министерството за здравство на Косово одлучи да прогласи карантин на територијата на главниот град на Косово откако завчера беше забележано видливо зголемување на бројот на заразени од новиот коронавирус. Од вкупно 33-те нови заболени од ковид-19, кои имаа позитивни резултати на заразата по извршените испитувања во Институтот за јавно здравство на Косово (ИШПК), 20 се од Приштина, по што министерот за здравство Арбен Витиа, во консултација со приштинскиот градоначалник Шпенд Ахмети, донесе одлука за прогласување на градот за зона на карантин. Со оваа одлука се забрануваат влегувањето и излегувањето од територијата на Приштина, во која официјално има 47 заразени од новиот вирус. (МИА)

Атина – До 27 април 2020 година се продолжува мерката за забрана за работа на продавниците во Грција, која исто така важи и за организираните приватни и јавни плажи и за ски-центрите.
Исклучок од мерката што стапи во сила на 18 март се супермаркетите, аптеките, бензинските пумпи, банките, пекарниците, продавниците за миленичиња, месарниците, трафиките, доставата на храна, сервисите за поправка на автомобили, како и продавниците што работат преку интернет. („Независен“)