Атина – Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис најави целосна забрана на движењето во Грција. Оваа мерка уште од 6 часот ова утро, ќе мора да се применува. Тој што ќе ги прекрши забраните ќе биде казнет во износ од 150 евра. (МИА)

Софија – Претседателот на Бугарија Румен Радев стави делумно вето на Законот за мерки и дејства за спречување на ширењето на коронавирусот, кој претходно го усвои бугарското собрание на 20 март. Радев рече дека мерките за спречување на ширењето на коронавирусот се крајно рестриктивни, а во оние за помош за економијата имаат недостатоци. Претседателот не се согласува властите да ги следат мобилните телефони на граѓаните за да се осигурат дека тие го почитуваат карантинот. Во Бугарија има 171 заболен од коронавирус, а три лица починаа. (РСЕ)

Приштина – На Косово почина 82-годишен маж од Општина Подујево, кој е првата жртва на коронавирусот во земјата. Починатиот е татко на едно од првите лица во Косово, кои беа дијагностицирани со смртоносниот ковид-19. Присуството на вирусот кај синот беше откриен на 15 март, неколку дена откако се вратил од Италија. („Нетпрес“)


Бисер балкански

Нултиот ден на короната?

– Првиот случај со заболен од коронавирусот во Србија е откриен на 1 март. Тоа беше импортиран случај, а лицето е изолирано, хоспитализирано и спречено е проширувањето. Два дена подоцна, на 3 март, е забележан вториот случај, а тоа беше локална трансмисија – изјави Дарија Кисиќ Топаловиќ, заменик-директорка на институтот за јавно здравје „Милан Јовановиќ Балут“ во Белград. Нејзината изјава за телевизија РТС даде ново светло за тоа кога е обелоденета епидемијата, затоа што на граѓаните им беше соопштено дека првиот случај е откриен пет дена подоцна, односно на 6 март.
„Правда“ направи преглед на настаните што се случувале во тие пет дена. На први март, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, беше во посета на САД, до трети март. Следниот ден тој ги распиша парламентарните избори. Потписите од неговата СНС се собрани за рекордно време, а на 5 март партијата ѝ ги предава на Републичката изборна комисија. На 6 март ресорниот министер за здравство објавува дека е откриен првиот случај на заболен од коронавирус. Прашањето што го поставува „Правда“ е колку во овој период се пренела заразата!?