Сараево – Во градот Бихаќ е потврдена првата жртва од коронавирусот во Босна и Херцеговина. Според директорот на кантоналната болница „Д-р Ирфан Љубијанкиќ“, Хајрудин Хавиќ, станува збор за повозрасна жена, која била хоспитализирана пред два дена.
Радован Вишковиќ, премиерот на Република Српска, истакна дека пациент од Приедор, кој бил заразен со корона, е во сериозна состојба и е приклучен на респиратор. („Аваз“)

Приштина – Косовската влада ја усвои одлуката на премиерот Албин Курти за укинување на царините за суровините од Србија и БиХ. Од 1 април се очекува укинување на царините на сите стоки и производи. Косовската влада ја донела одлуката во саботата на телефонска седница. (Косово онлајн)

Подгорица – Националното координативно тело за заразни болести на Црна Гора донесе одлука, со претходна согласност на Агенцијата за заштита на лични податоци и слободен пристап на информации, да почне да објавува имиња на лица за кои се издадени решенија за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена. (РТЦГ)


Бисер балкански

Со корона на журка!

– Шокиран сум од неодговорноста на нашите граѓани. Знаете дека сте болни, влегувате во својата земја, ве предупредуваат да бидете во изолација, а вие организирате журка за 100 луѓе. Некои наши сограѓани седеле дома со изразени симптоми и чекале вирусот сам да помине. Ваквото однесување е неодговорно и за време на сезонски грип. Ние сме љубезен и друштвен народ. Имаме традиција да се поздравуваме со бакнеж. Но тоа сега може да биде смртоносно, не затоа што имаме лоша намера, туку затоа што не знаеме дали сме заболени. Мораме да држиме дистанца, да се повлечеме од јавните места, колку што е можно тоа – изјави Горан Стефановиќ, директор на Инфективната клиника во Белград, кој објаснува дека 48 часа пред почетокот на првите симптоми заболениот е најзаразен.