Белград – Турција го поддржува продолжувањето на дијалогот на Приштина и Белград за траен и сеопфатен договор, поради тоа што овој договор е од клучно значење за долгорочната стабилност и мир на Балканскиот Полуостров, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во интервју за српскиот весник „Политика“, објавено во пресрет на дводневната посета на Белград и средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ. (РТС)

Нови Сад – В четврток, на 10 октомври во Нови Сад, ќе се одржи трилатерален состанок меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, соопштија од кабинетот на српскиот претседател. На оваа трилатерална средба Албанија ќе разговара за отстранување на бариерите за слободен проток на стоки и услуги меѓу трите земји, која од српскиот претседател беше примена како „епохална идеја“, која добила „целосен консензус“ од македонскиот и од албанскиот премиер. (РТВ)

Сараево – Босна и Херцеговина се најде на осмото место на листата на најочајни од 85 земји во светот, што ја изработува американскиот институт „Гато“, а нејзиниот индекс изнесува 38,2, додека Србија е на 32-то место, а Хрватска на 51-то место. Ова рангирање се прави врз основа на повеќе економски показатели, пред сѐ од нивото на инфлација, каматните стапки на банките, невработеноста и движењето на БДП. (Хабер)

Атина – Вашингтон и Атина во иднина сакаат потесна соработка, преку постигнување нов билатерален договор што на САД им дозволува да користат и други воени пунктови во Грција и на тој начин да се спротивстават на влијанието на други сили во регионот, објави германскиот весник „Зидојче цајтунг“, кој го анализира засиленото присуство на САД во регионот и новиот договор за воена соработка што викендот беше потпишан со Грција.


Бисер балкански

Гласачи од вселената

– Ова е 10:0, освен ако од вселената не дојдат некои гласови. Српскиот народ на Косово и Метохија покажа зрелост и љубов кон Србија – Александар Вучиќ, претседател на Република Србија, по прогласување на победата на Српска листа и освојувањето на сите десет пратенички мандати на малцинските заедници, на предвремените парламентарни избори на Косово, со над 98 отсто поддршка во сите изборни места со мнозинско српско население.