Приштина – Граѓаните на Косово, организирани по социјалните мрежи, искажаа јавно негодување против предлогот за изгласување недоверба на владата предводена од Албин Курти, а иницирана од неговиот коалициски партнер, Демократскиот сојуз на Косово. Граѓаните, почитувајќи ги мерките за забрана на собири, завчеравечер, по 20 часот, излегоа на своите балкони и со лажици удираа по тенџериња во знак на протест. (Цивил медиа)

Атина – За прекршување на превентивните мерки за спречување на ширењето на коронавирусот, во Грција за една недела се уапсени 194 лица, во 184 случаи. Грчката полиција минатиот четврток почна со интензивни контроли, а прекршоци биле регистрирани во однос на забраните, одлуките и ограничувањата што се однесуваат на фризерски салони, фурни, слаткарници, продавници за облека, кафулиња, ресторани, таверни, цвеќарници, спортски игралишта и сл. (МИА)

Подгорица – Министерството за здравство на Црна Гора донесе нови мерки за спречување на заразата. Новите мерки подразбираат зајакнати активности за надзор на сите лица на кои им е изречена мерката самоизолација, Исто така, забранет е и превоз на повеќе од две возрасни лица истовремено во патничко возило. Под здравствен надзор во Црна Гора се 4.369 лица што изминатите 14 дена престојувале на подрачје со распространета епидемија. (РТЦГ)


Бисер балкански

Пратеници со маски

Двајца пратениците од партијата Волја, Веселин Марешки и Кристина Таскова, влегле во бугарскиот парламент со заштитни скафандери, на што реагирале пратениците од Бугарската социјалистичка партија, кои побарале да ги отстранат, бидејќи дополнително ја влошуваат ситуацијата.

– Бугарскиот парламент не треба да се претвори во центар на заразата – рече пратеникот Марешки.
Претседателката на Парламентот, Цвета Карајанчева, му одговори дека во Парламентот се преземаат сите санитарни мерки, сите пратеници се со маски, а говорницата постојано се чисти, но дека не може да се запре работата на Парламентот, пренесе МИА.