Загреб – Кробекс-индексот за оствареното тргување на Загрепската берза во минатата недела забележал пад од 21 отсто, со што била намалена пазарната вредност на акциите за 2,1 милијарди евра, како последица на паниката на светските берзи поради ширењето на коронавирусот. Минатиот четврток тргувањето на акциите било суспендирано до крајот на денот. Кобекс 10 забележал пад за 21,7 отсто. Двата индекса забележале најниско ниво од 2009 година, кробекс на 1.428, а кробекс 10 на 850 поени. (Новац.хр)

Подгорица – Детскиот брак и натаму е проблем во ромските заедници, во која е присутна практиката за плаќање на традиционалната „цена за невестата“ од стотина до неколку илјада евра за девојчиња и жени, кои се купуваат од семејствата од Косово или од Албанија, се наведува во извештајот на американскиот Стејт департмент за почитувањето на човековите права во светот за 2019 година. Албанците и Бошњаците често се жалеа на дискриминацијата од државата и економското занемарување. Етничките српски политичари тврдат дека Владата ги дискриминира српскиот национален идентитет, јазик и религија, се вели во заклучоците за Црна Гора. (РСЕ)